На светата Литургија во Бари, папата Фрањо потсети дека Исусовата револуција е најголема во историјата, а бара од нас да ги љубиме непријателите. Побара од нас екстремизам во љубовта, единствениот дозволен христијански екстремизам, односно екстремизмот на љубовта – истакна Папата.
Христијанската новост е да простуваш и да ги љубиш непријателите – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во Бари на 23 февруари, на крајот од средбата на епископите од медитеранските земји. Исус во Евангелието за денешната Литургија го цитира стариот закон: „Око за око, заб за заб“ (Мт 5,38-48; 2Мој 21,24) – рече Папата и истакна: Знаеме дека тоа значело дека ако вам некој нешто ви одземе, вие нему ќе му го направите истото. Имено, тоа бил голем напредок, затоа што се спречувале лошите одмазди. Ако некој ви направи зло, сте можеле да му возвратите со истата мерка, но не уште полошо. Завршувањето на споровите со изедначување било чекор напред. Сепак, Исус оди многу понатаму од тоа: „Да не се противите на злото.“ Некој ќе каже како Господи? Ако некој мисли лошо за нас, ако некој ни прави зло, не можеме да му возвратиме со истата мерка? Исус вели: Не; без насилство, никакво насилство не доаѓа во предвид.
Можеме да мислиме дека Исусовото учење следи некоја стратегија, и дека на крајот злите ќе се откажат – рече Светиот Отец, но тоа не е причината зошто Исус бара да ги љубиме и оние кои ни прават зло. Која е тогаш причината? Дека Бог, нашиот Отец секогаш ги сака сите луѓе, па и ако тие не му возвраќаат. „зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните.“ И денес во првото читање ни вели: „Бидете свети!“ Бидејќи сум свет јас, Господ Бог ваш! Односно ни кажува: „Живејте како мене и барајте го она што јас го барам.“ Исус со прстот не покажал на оние кои неправедно го осудиле и сурово го убиле, туку своите раце им ги раширил на крстот, на оние кои го заковале со клинци простил.
Па, ако сакаме да бидеме Христови ученици, ако сакаме да се нарекуваме христијани, тоа е патот – рече папата Фрањо и напомена: Бог нè љуби и затоа сме повикани да ги љубиме другите; простено ни е, повикани сме да простуваме, нè допрела љубовта, повикани сме да љубиме и да не очекуваме другите да почнат први; бесплатно сме спасени, повикани сме да не бараме никаква корист од доброто кое го правиме. Можете да кажете: Но, Исус претерува! Не, дури вели: „Љубете го непријателите свои, молете се за оние што ве навредуваат и гонат.“ Некој ќе каже така зборува за да го разбуди вниманието и не користи игра на зборови. Директен е и јасен. Го цитира стариот закон и свечено кажува: А јас ви кажувам: Љубете ги своите непријатели! Тие се зборови кои Исус ги изговорил намерно и точно.
Љубете го непријателите свои, молете се за оние што ве навредуваат и гонат – рече Папата и истакна: Тоа е христијанската новост и разликата. Да се молиш и да љубиш тоа е она што мора да го правиме и тоа не само кон оние кои нас нè сакаат, кон пријателите и кон својот народ, затоа што Исусовата љубов не познава граници и пречки. Господ од нас бара храбра љубов без пресметки, затоа што Неговата мерка е љубов без мерка. Колку пати сме ги занемариле Неговите барања, однесувајќи се како и сите други! Сепак, заповедта на љубовта не е едноставна провокација, туку центар на Евангелието. Што се однесува на љубовта кон сите, не прифаќаме изговори, не проповедаме мудрост и внимание. Господ (…), не правел компромиси, барал од нас милосрдна љубов до крај. Тој е единствениот христијански екстремизам, односно љубов.
Љубете ги своите непријатели! Тие зборови мора да ги повторуваме и да ги применуваме на луѓето кои кон нас лошо постапуваат, кои ни сметаат, кои тешко ги прифаќаме и кои ни го одземаат мирот. Да се запрашаме: За што се грижам во животот; за непријателите или за оние кои нас нè сакаат? Се грижиме ли за да љубиме? – праша Светиот Отец и додаде : Не грижете се заради злото на другите и на оние кои лошо мислат за вас. Наместо тоа започнете да го разорожувате своето срце заради Исусовата љубов, затоа што кој Го љуби Бог нема непријатели во своето срце. Поклонувањто на Бог е спротивно на културата на омраза проти која се бори спротивставувајќи се на култот на жалпојки.. Колку пати се жалиме заради она што не го примаме и што не е во ред! Исус знае дека многу работи не се добри, дека секогаш ќе има некој кој ќе ни сака зло, па и ќе нè прогонува. Но, од нас бара само да молиме и да љубиме.
Таа е Исусовата револуција, најголема во историјата; од непријател кого треба да го мразиш до пријател кого треба да го љубиш; од култ на жалопојки до култура на дарување. Ако сме Исусови тоа е патот! Некој би можел да приговори дека Исусовата логика е губитничка, но Тој гледа понатаму од нас и знае дека злото може да се победи со добро. Нè спаси со крстот, а не со мечот. Ако верата ја браниме со сила, ќе изгубиме. Решението е Исусовиот пат; активна и понизна љубов која оди до крај. Сами тоа не го можеме и затоа мора да молиме за благодат, за да можеме да љубиме и да простуваме. По љубовта ќе бидеме судени. Да ја избереме денес љубовта која чини, да не се задоволиме со делумни мерки. Да го прифатиме Исусовиот предизвик за милосрдна љубов и ќе бидеме вистински христијани, а светот ќе биде похуман – поттикна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк