Папата: Медитеранот, раскрсница на братството и рамнодушноста

Папата: Медитеранот, раскрсница на братството и рамнодушноста

На првиот ден во Марсеј, папата Фрањо им оддаде почит на загинатите во Средоземното Море. Со верските поглавари, на споменикот на морнарите и мигрантите исчезнати во морските бранови, тој и се обрати на меѓународната заедница: Тие што загинаа во морето не се бројки, тоа се имиња и презимиња, тоа се лица и животни приказни, тоа се прекинати животи и изгубени соништа, нивното спасување е должност на човечкиот род и цивилизација. Говорејќи за потребата од нов хуманизам, тој го цитираше Дејвид Сасоли

Да се ​​дојде на помош, а не да се напуштат оние кои се во опасност од давење е должност на човечкиот род, должност на цивилизацијата – истакна папата Фрањо, обраќајќи и се на меѓународната заедница и оддавајќи почит на споменот на оние кои не успеаја, кои не беа спасени, на жртвите на бродоломи, морепловци и мигранти изгубени во морето. Во исто време, неговиот поглед беше насочен кон Медитеранот, кој – како што рече – е извор на живот, но потсетува на трагедиите на потонатите бродови кои предизвикуваат смрт. Собирот и собраноста на Папата и поглаварите на сите религии присутни во Марсеј, пред споменикот посветен на морнарите и мигрантите изгубени во морето, беше дел од втората средба на папата Фрањо во Марсеј. Токму од ова место Папата ја испрати својата драматична порака: Да не се навикнуваме бродоломите да ги сметаме за вест а смртните случаи на море како бројки.

Не, тоа се имиња и презимиња, тоа се лица и приказни, тоа се прекинати животи и изгубени соништа. Мислам на многуте браќа и сестри кои се удавија во страв, заедно со надежите што ги носеа во нивните срца. Пред ваква драма не се потребни зборови, туку дела. Пред тоа, пак, потребна е хуманост: потребна е тишина, солзи, сочувство и молитва.

Медитеранот, гробишта кои го закопуваат човечкото достоинство

Папата Фрањо ги замоли сите присутни за момент на молк во спомен на оние кои ги загубија животите во брановите. Нека нè трогнат нивните трагедии – рече тој и веднаш ги спомна сите оние што бегаат од конфликти, сиромаштија и еколошки катастрофи, кои потоа во брановите на Медитеранот наоѓаат дефинитивно отфрлање на нивната потрага по подобра иднина.

И така тоа прекрасно море стана огромни гробишта, каде што на многу браќа и сестри им е одземено дури и правото на гроб, а е закопано само човечкото достоинство.

Човештвото на раскрсницата на цивилизацијата

Папата, како и во други прилики, ја цитираше неговата многу драга книга-сведоштво „Малиот брат“, во која главниот јунак, млад човек од Гвинеја кој заминал во Европа во потрага по својот помал брат, вели дека кога „седнуваш на морето ти си на раскрсница. Од една страна живот, од друга смрт. Таму нема други излези“.

Пријатели, пред нас е крстопат: од една страна, братството, кое ја оплодува човечката заедница со добро; од друга, рамнодушноста, која го крвари Медитеранот. Се наоѓаме на раскрсницата на цивилизацијата. Или култура на хуманост и братство или култура на рамнодушност: секој нека се снајде како што може.

Да се ​​спаси давеник е должност на човечкиот род и цивилизација

Огорченоста на Папата е голема, бидејќи не е можно да се помириме со тоа кога гледаме како човечките битија се третираат како стока за размена, се затвораат и мачат на суров начин – го знаеме тоа дека, многупати, кога ги испраќаме, судено им е да бидат мачени и затворени. Веќе не е можно да сведочиме трагедии на потонати бродови, кои се случуваат поради одвратната трговија со луѓе и фанатизмот на рамнодушноста; рамнодушноста станува фанатична.

Луѓето кои ризикуваат да се удават кога ќе бидат напуштени во брановите мора да бидат спасени. Тоа е должност на човечкиот род, тоа е должност на цивилизацијата!

Верниците – пример за прифаќање

Пример за цивилизација треба да дојде од претставниците на различните религии – истакна Папата – ќе бидат благословени од Небото, ако знаат да се грижат за најслабите на копното и на морето и ако знаат да ја надминат закоченоста поради стравот и незаинтересираноста која во кадифени ракавици осудува на смртна казна. Прифаќањето и љубовта кон странецот во името на Бога се во корените на трите медитерански монотеизми и тоа е од витално значење доколку, како нашиот татко Авраам, сонуваме за просперитетна иднина.

Да не го заборавиме рефренот од Библијата: сиракот, вдовицата и мигрантот странец. Сиракот, вдовицата и странецот, тоа е она што Бог нè праќа да го чуваме. Затоа, ние верниците треба да бидеме пример во меѓусебното и братско прифаќање. Односите меѓу религиозните групи честопати не се лесни, со црвот на екстремизмот и идеолошкото зло на фундаментализмот кои го нагризуваат реалниот живот на заедниците.

Нека религиите составуваат мозаик на мирот

А Марсеј, „модел на интеграција“ – како што го нарече Папата – иако поттикнат од разновиден религиозен плурализам, се наоѓа на крстопат што бара од него да избира помеѓу средбата и конфликтот. На оние кои првпат избираат, папата Фрањо им се заблагодари за нивната солидарност и конкретната заложба за промоција и интеграција на луѓето. Осврнувајќи се на работата на различни реалности со мигрантите, исто така вклучени во меѓурелигискиот дијалог, од кои некои беа присутни на состанокот, тој го цитираше Жил Исак, француски историчар на еврејската религија, кој почина пред 60 години и беше голем поддржувач на повоено христијанско-еврејско разбирање, еден од пионерите и сведоците на дијалогот, во кој треба да се угледаме – истакна Светиот Отец.

Вие сте Марсеј иднината. Одете напред без да се обесхрабрувате, за овој град да биде „мозаик на надеж“ за Франција, за Европа и за светот.

Папата го заврши својот говор потсетувајќи се на Дејвид Сасоли, претседателот на Европскиот парламент кој почина во 2022 година, кога зборуваше во Бари, по повод уште една средба за Медитеранот, за потребата од нов хуманизам за да не се плашиме од проблемите кои ги наметнатнува Медитеранот, кои го загрозуваат опстанокот на Европската унија и на сите граѓани.

Браќа, сестри, заедно да се соочиме со проблемите, да не дозволиме да се удави надежта, да составиме мозаик на мирот! И мило ми е што овде гледам толку многу од вас кои одите на море за да спасувате, да спасувате мигранти и како често ве спречуваат да одите затоа што на бродот нешто му фали, нешто друго недостасува… Ова се гестови на омраза кон брат ти, маскиран во „рамнотежа“. Ви благодариме за сѐ што правите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот