Ден на солидарност со Хаити

Помагајќи на браќата и сестрите на Хаити покажавме дека Црквата е големо тело, во кое различните органи се грижат едни за други. Сè што е направено и сè што ќе се уште направи со Божја помош, почива на три цврсти столбови; човечката личност, црковното заедништво и месната Црква – истакна папата Фрањо на денешната аудиенција на учесниците на конференцијата која ја организира Папскиот совет Cor Unum и Папската Комисија за Латинска Америка, по повод петтата годишнина од земјотресот во Хаити во кој настрадаа 230.000 луѓе.

Човекот е во центарот на активностите на Црквата – рече Светиот Отец. Нашата прва грижа мора да биде да помогнеме на сите, на секој човек за во потполност да живее како човек. Не може да има обнова на општеството без обнова на секој човек во неговиот интегритет. Тоа значи – објасни Папата – да се обезбедат материјалните потреби на секој човек во Хаити, но и да се погрижиме истовремено да можат да ја живеат сопствената слобода, сопствената одговорност и духовниот и религиозниот живот. Човекот има трансцендентна дименизија и Црквата не може да ја занемари таа димензија која пронаоѓа исполнување во средбата со Бог.

Затоа во напорите за обнова на Хаити, хуманитарните и пасторалните активности не се конкуренти, туку се надополнуваат и заедно помагаат на жителите на Хаити да созреат – и како личности и како христијани. Нека секој облик на помош која Црквата го нуди на Хаити ја означува таа грижа за интегрално добро на луѓето – нагласи Папата и продолжи:

Друг темелен аспект е црковното заедништво. Искуството на активна соработка меѓу бискупиите, монашките институции, каритативните организации и луѓе е позитивен факт и знак на виталност на Црквата. Но, активната љубов е веродостојна и појасна кога се живее во заедништво. Заедништвото покажува дека љубовта не е само помагање на другите, туку го прави внатрешниот живот на Црквата кој се гледа во црковното заедништво; заедништвото на епископите – кои се први одговорни за службата на љубов; заедништвото на разните каризми и каритативни институции кои не работат за себе, туку во името Христово и го покажуваат патот на служењето. Би било противречно да се работи едни против други. Тоа не е љубов; љубовта секогаш е во телото (црквата) – истакна Светиот Отец.

На трето место е важноста на месната Црква, бидејќи во неа е христијанското искуство најопипливо. Папата ги поттикна епископите во Хаити, сите свештеници и луѓето вклучени во пасторална работа од било кој вид, да вдахнат во верниците настојување на подрачјето на христијанската формација и плодна евангелизација. Сведоштвото на евангелската љубов е ефикасно кога е поддржано од личниот однос со Исус во молитвата, слушање на Божјото Слово и примање на Светите Тајни. Таа е вистинската „сила“ на месната Црква – порача на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот