Кардинал Паролин пристигна во Јужен Судан

Кардинал Паролин пристигна во Јужен Судан

Државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, во понеделник 14 август, ја започна четиридневната посета на Јужен Судан, за да ја изрази солидарноста на Црквата со катастрофата што го погоди регионот Малакал и за да поттикне патишта за мир.

Државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин, пристигна во понеделник, 14 август, во Џуба, главниот град на Јужен Судан. Претходните денови, кардиналот престојуваше во Ангола, каде што ја предводеше хиротонијата на надбискупот Пенемоте. Првиот ден од посетата ќе го помине во Џуба, потоа два дена ќе биде во бискупијата Малакал и на крајот во четврток на 17 август ќе престојува во Румбек.

Надбискупот од Џуба, Стефан Амеју Мартин Мула, зборуваше за локалните медиуми за важноста на посетата на кардиналот Паролин. Тој ја истакна посетата на Малакалската бискупија, бидејќи лично беше поканет од бискупот Стивен Ниодхо Адор Мајвок да биде сведок на ситуацијата таму. Сите ја знаеме ситуацијата во Малакал: прашањето за природните катастрофи, поплавите и катастрофите предизвикани од човекот, рече надбискупот Амеју.

Потоа додаде дека кардиналот Паролин ја продолжува задачата на мировните процеси кои папата Фрањо ја довери на Црквата и политичките лидери. Тој истакна дека ова е втора независна посета на кардиналот Паролин на таа африканска земја, нарекувајќи ја израз на љубоа на Папата кон народот на Јужен Судан. Светиот Отец го посети Јужен Судан во февруари оваа година по големите напори на Црквата да најде мир меѓу ривалските фракции.

Во однос на тековниот мировен процес, надбискупот Амеју истакна дека Црквата постојано се труди да ги охрабрува сите да се придржуваат до протоколот на мировниот договор и ги повикува политичарите да го вградат мирот во ткивото на општеството на земјата. Надбискупот напомена дека изборите треба да се одржат до крајот на 2024 година и истакна дека тие се една од компонентите на обновениот мировен договор.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот