Папата Фрањо: Христијанската заедница живее во мир, сведочи за Воскреснатиот и помага на сиромашните

Секоја христијанска заедница би требало да го спореди својот живот со Првата Црква, односно да провери дали е способна да живее во мир, да го сведочи Христовото воскресение и да им помага на сиромашните, рече папата Фрањо за време на светата Литургија во вторник 29 април во капелата на домот Света Марта.

Делата на Светите Апостоли ја опишуваат првата христијанска заедница како слика со три потега. Папата Фрањо ги објасни трите карактеристики на оваа група: одвнатре владее слога, кон надвор сведочат за Христос и не дозволувале ниту еден нивен член да трпи во беда. Тоа се трите карактеристики на препородениот народ. Хомилијата на Папата се развива од пораката на воскресната седмица: „да се роди одозгора“ од Духот кој дава живот на првото јадро „нови христијани“, кога уште не се нарекувале христијани.

„А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа“ (Дела 4,32). Мир. Заедница во мир. Тоа значи дека во таа заедница немало простор за озборување, за завидливост, за клеветење за оцрнување. Мир. Простување: „Љубовта покрива сѐ“. Ако сакаме да ја оценуваме христијанската заедница според тој критериум, мораме да се прашаме каков е ставот на христијаните: дали се кротки, понизни? Дали постои во таа заедница кавга поради превласт: Кавга поради завидливост: Дали има озборување: Ако е така, не се по патот на Исус Христос. Тие особини се важни, многу важни, бидејќи ѓаволот секогаш сака да нѐ раздели. Тој е татко на поделбите“.

И во првата заедница проблемите не недостасувале. Папата Фрањо потсети на „внатрешните борби, препирања по прашања за науката, борбата за превласт“, кои и понатаму продолжиле. На пример, кога за вдовиците обвиниле дека за нив не се грижат на соодветен начин, Апостолите морале да постават ѓакони (Дела 6,1-7). Но сепак, тој силен почетен момент, ја основа засекогаш заедницата родена од Духот. Тоа е сложна заедница, заедница на сведоци на верата, со што папата Фрањо ги повика денешните заедници да се преиспитаат по тој пример.

Вториот пример е воскресението (Дела 4,33): „Дали заедницата сведочи за воскресението на Исус Христос? Оваа парохија, оваа заедница, оваа бискупија – верува ли навистина дека Исус Христос воскресна? Или пак зборува: „Да, воскресна, но таму некаде…“, бидејќи верува дека Христос е таму некаде, а нивното срце е далеку од таа сила. Да се сведочи дека Исус е жив, дека е меѓу нас: така може да се провери каква е некоја заедница“.

Третата мерка според која се вреднува животот во една заедница се „сиромасите“. А тука Папата објасни две прашања.

„Прво: Каков е твојот став или ставот на заедницата кон сиромасите? Второ: дали заедницата е сиромашна? Сиромашна во срцето, сиромашна со духот? Или својата надеж ја полага во богатството? Во моќта? Мир, сведоштво, сиромаштово и грижа за сиромашните. Тоа му го објаснуваше Исус на Никодим, такво раѓање одозгора (Иван 3,3). Затоа што само Духот може да го направи тоа. Тоа е дело на Духот. Духот ја прави Црквата. Духот создава единство. Духот поттикнува да сведочиш. Духот те прави сиромашен, бидејќи Тој е богатство и те поттикнува да се грижиш за сиромашните“.

Светиот Дух нека ни помогне да одиме по патот препородени од силата на Крштението“,ја заврши Папата својата проповед.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот