Папата Фрањо: Училиштето е ориентир на општеството
„За предавање на содржини е доволен еден компјутер, но за да разбереш како се сака и кои се вредностите во животот, кои создаваат хармонија во општеството е потребен добар наставник”, рече Папата во обраќањето до 2000 членови на Католичката унија на наставниците во Италија, кои ги прими во сабота
Папата се обрати до нив како „колеги“, објаснувајќи дека тој исто така предавал: „Наставата е прекрасна работа. Штета што наставниците се лошо платени. Тоа е неправедно. Тоа е прекрасна работа, но лошо платена: тие се како родители, барем од духовен аспект. Наставата е голема одговорност!“.
Папата посочи дека денес, меѓу задачите на наставничката унија е да се пренесе вистинската идеја за училиштето, понекогаш „поматена од ограничените позиции и дискусии“: „Училиштето, државно или приватно, претставува квалификувана наставата, но исто така и човечки однос“, рече Папата.
Училиштето не е само пренос на технички знаења, иако тие се важни за професионалната компетентност, туку и место за изградба на воспитни односи во кои секој ученик „треба да се чувствува сакан и прифатен со своите ограничувања и можности“, додаде Папата.
„Во општество кое тешко наоѓа ориентирачки точки, младите треба да гледаат во училиштето позитивен ориентир – истакна Папата. Затоа христијанските наставниците се повикани да одат „во периферијата на училиштето, за да не биде оставено на влијанието на незнаењето и криминалното подземје“:
„Добриот учител, уште повеќе христијанинот, има обврска да ги сака своите најтешки, слаби и помалку развиени ученици. Исус би рекол: ако ги љубите оние што учат добро, каква полза ќе имате? Има такви кои го исцрпуваат трпението, но кои треба да ги сакаме повеќе! Оние кои не го сакаат учењето, поднесуваат тешкотии поради хендикепот или како странци и се голем предизвик за училиштето “.
На крајот Папата посочи дека христијанската заедница има големи учители, кои и денес може да бидат пример, како што е Дон Боско, кој оваа година се одбележува јубилеј 200 години од раѓањето. „Тој ги советуваше своите свештеници да воспитуваат со љубов. Првиот однос на еден воспитувач е љубовта!“. „Не може да се предава без страст. Бидете сведоци на животот и надежта!“.
РВ/В.Н.