Папата Фрањо се молеше за починатите жртви на пандемијата

Папата Фрањо се молеше за починатите жртви на пандемијата

На литургијата во домот на Света Марта на 5 мај 2020 година папата Фрањо посебно се спомна на починатите поради заразата со коронавирусот, без близината и вниманието на нивните семејства и без погреб. Во проповедтта говореше за однесувањата кои ни пречат да бидеме дел од Исусовите овци: ропство на богатство, крутост, клерикализам, мрзеливост, световност. Без слобода не можеме да одиме кон Исус.

На почеток на Литургијата во домот на Света Марта папа Фрањо на 5 мај посебно се спомна на починатите поради заразата со коронавирусот. Да се молиме денес за покојните кои починале во оваа пандемија. Починале сами, без нежноста на нивните најмили, многумина од нив дури и без погреб. Нека Господ ги прими во своја слава – рече Папата.

Во проповдтта се осврна на Евангелието од вчерашната Литургија (Иван 10, 22-30) во кое се говори за Јудејците кои бараат од Исус отворено да им каже дали тој е Христос. Исус им одговори: „Ви реков и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец , тие сведочат за мене. Но вие не верувате, оти не сте од Моите овци, како што ви реков“. Тоа во нас предизвикува двоумење: Верувам ли? – рече Папата и се праша: Што ме спречува пред вратата која е Христос? Постојат работи кои не ни дозволуваат да одиме напред во познавањето на Господ.

Првата пречка е богатството. Многумина од нас, кои влеговме низ Господовата врата, подоцна застануваме и не одиме напред затоа што сме затворени во богатствата – рече Папата. Господ беше остар кон богатството, затоа што тоа е пречка за напредување. Дали треба да паднеме во пауперизам? Не. Но не смееме да бидеме робови на богатство, не смееме да живееме за богатство, затоа што богатството е господар на овој свет, а не можеме да служиме на двајца господари. Богатството нè запира – истакна папата Фрањо.

Второ што нè спречува да одиме напред во познавањето на Христос, во припаѓањето на Христос – рече – е крутоста; крутост на срцето. И крутоста во толкувањето на законот. Исус ги прекорува фарисеите, закониците, поради крутоста која не е верност. Верноста е секогаш дар на Бога; крутоста е сигурност за самиот себе – истакна Папата и раскажа искуство на една жена која, откако една сабота попладне присуствувала на една венчавка, го праша дали таа Литургија е со важност како неделната, бидејќи читањата биле различни и се плашела да не паднала во смртен грев. Тоа е ригидност. Тоа нè одалечува од Христос, од Исусовата мудрост; ти ја одзема слободата. Многу пастири дозволуваат таа крутост да расте во душите на верниците, а таа не ни дозволува да влеземе низ Исусовата врата.

Папата потоа спомна уште една пречка, мрзеливост, оној замор кој ни ја одзема волјата да одиме напред и нè води до млакост, нè прави млаки. Освен тоа грдо е однесувањето и клерикализамот, бидејќи се става на Исусово место. Клерикализам кој на верниците им ја одзема слободата на вера. Тоа е грда болест во Црквата, клерикално однесување. И световноста, световниот дух, ни пречи да напредуваме во познавањето на Исус. Кога живеењето на верата ќе заврши во световноста, кога е сè световно – истакна Папата и како пример даде неколку свети Тајни. Колку е таму световноста! Толку да не се чувствува милоста на Исусовото присуство.

Во сите тие однесувања недостасува слободата – рече и додаде: Исус не може да се наследува без слобода. Понекогаш слободата оди предалеку па човекот ќе се лизне, но полошо е ако се лизне пред да почне да оди кон Исус – забележа папата Фрањо и на крајот го молеше Господ да н6 просветли, да погледнеме во својата внатрешност, има ли слобода за чекорење кон Исус за да станеме овци на неговото стадо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот