Вандализам во Меѓугорје: Запален надворешниот олтар, осквернавени статуата на Богородица и Синиот крст

Вандализам во Меѓугорје: Запален надворешниот олтар, осквернавени статуата на Богородица и Синиот крст

Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон потврди дека Меѓугорје синоќа било жртва на вандализам.

„Денеска во 4:30 часот Полициската станица Читлук прими пријава дека во местото Подбрдо, Меѓугорје, е оштетена статуата на Богородица со испишување разни содржини“.

„Потоа, во 5:00 часот Полициската станица Читлук прими и пријава дека избил пожар на надворешниот дел од олтарот на црквата ‘Св. Јаков’ во Меѓугорје“, изјави портпаролката на Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, Илијана Милош.

На двете места на настанот се упатени полициски службеници кои ги преземаат сите потребни мерки и дејствија со цел утврдување на околностите на овие инциденти, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

На Синиот крст, едно од најпосетените молитвени места, исто така се оставени графити и црна боја. Според информациите на локалните портали, на повеќе места е испишан зборот „devil“ (ѓавол), вклучително и на подрачјето на Крижевац.

Надзорната камера на надворешниот олтар го забележала моментот во кој непознат маж приоѓа до надворешниот олтар зад парохиската црква „Свети Јаков“ во Меѓугорје, го полива со запалива течност и предизвикува пожар.

Парохија Меѓугорје: Светилиштето останува отворено

Утрово за инцидентот се огласи и парохијата Меѓугорје.

Наведувајќи дека светилиштето ќе остане отворено за сите посетители, тие повикаа на мир и молитва за сторителите.

„На посебен начин ги повикуваме сите верници на овој настан да одговорат онака како што Богородица нè учи веќе повеќе од четириесет години во Меѓугорје: со молитва, пост и простување. Да молиме за преобраќање на срцата на оние кои го извршија ова дело, Господ да ги допре со својата милост и да ги поведе по патот на доброто. Се молиме и за мир во срцата на сите луѓе. Богородица постојано нè повикува да бидеме носители на мирот.“

Битно нет/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот