Папата: Да се надминат поделбите и да се зачува единството

Папата: Да се надминат поделбите и да се зачува единството

Во вторник, 11 октомври 2022 година, папата Фрањо ја предводеше свечената света Литургија во Ватиканската базилика по повод 60-годишнината од почетокот на Вториот ватикански собор и спомен-денот на свети Иван XXIII.

На 60-годишнината од отворањето на Соборот, Папата повика на единство во Католичката црква и меѓусебни односи исполнети со љубов. Истовремено, на верниците им препорача три погледи на Црквата: одозгора – од Божја гледна точка, односно со љубов; одвнатре, со други крстени лица; и поглед на целината – надвор од секоја поделба на прогресивни и конзервативни. Проповедта на Папата беше повик да се надминат поделбите во Црквата.

Според Папата, големиот католички реформски собир од 1962 до 1965 година за прв пат бил собор на самоиспитување, со цел повторно да се открие љубовта Божја. И денес Црквата мора пред сѐ да се гледа одозгора, со Божји очи полни со љубов. Тој предупреди на опасноста од потпирање на себе наместо на Бога и следење на сопствените цели наместо на Евангелието. Тој повика на повторно откривање на Соборот за да се врати приматот на Бога и на она што е важно – Црква вљубена во својот Господ и сите луѓе кои Тој ги сака, Црква богата со Исус и сиромашна со средства, слободна Црква која ослободува.

Соборот ја насочи Црквата токму на овој пат, рече Папата, повикувајќи ги верниците да се вратат на изворот на љубовта на Соборот; повторно откривање и обновување на Соборот. Црквата треба да биде исполнета со радост, но тоа не им успева на сите, призна Папата. Црквата која го сака Исус нема време за спорови, отров и расправии. Бог нè ослободува од критикување, нетрпеливост, грубост и гнев; не се работи за стил, туку за љубов, рече Папата.

Погледот одвнатре, да се биде во светот со другите без чувство на супериорност, го објасни Папата вториот став на кој повикува Соборот. Црквата, нашата света архиерејска мајка, не треба да се истакнува во очите на светот, туку да му служи посветено и со љубов.

Папата со особена жар предупреди за опасноста од поделби во Црквата, велејќи дека по Соборот, христијаните често се одлучуваат за одредена страна. Колку често сме следбеници на една група, а не слуги на сите; прогресивни и конзервативни наместо браќа и сестри; лево или десно наместо Исусови… а Бог не нѐ сака такви. Црквата е Божјо стадо, а тоа е можно само преку единство и слога. Да ги надминеме поделбите и да го зачуваме единството, да станеме се повеќе едно, како што се молеше Исус пред да го даде својот живот за нас, поттикна папата Фрањо. Проповедта ја заврши со молитва и благодарност за дарот на Вториот ватикански собор.

Затоа што 11 октомври воедно е и спомен-ден на светиот папа Иван XXIII, папата Фрањо се помоли на гробот на неговиот претходник.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот