Во обраќањето до претставниците и љубителите на велосипедизмот, папата Лав XIV истакна дека возењето велосипед „може да се разбере како метафора за оној ‘живот во изобилство’ што е карактеристичен за секое автентично спортско искуство“.
Потсетувајќи на сопствените спомени од следењето велосипедски натпревари, папата Лав XIV во понеделник, 23 ноември 2026 година, им рече на велосипедистите и на претставниците од светот на велосипедизмот дека следењето на спортските подвизи „го надминува самиот натпреварувачки аспект на спортот“.
Победите и поразите, радостите и разочарувањата, истакна Папата, ги одразуваат „вредностите и предизвиците што го сочинуваат човечкото постоење“.
Обраќајќи им се на учесниците на средбата организирана од Меѓународната велосипедска унија, Папата рече дека „велосипедизмот може да се разбере како метафора за оној ‘живот во изобилство’ што е карактеристичен за секое автентично спортско искуство“.
Велосипедизмот и духовноста
Папата Лав се осврна и на „духовната димензија“ на спортот, која „не е одвоена од физичкиот напор, туку го облагородува“.
Тој посебно го истакна едноставниот начин на патување со велосипед како можност за негување на внатрешниот живот.
Велосипедизмот, рече Папата, нуди можности човекот да бара места на тишина и созерцание, каде што може повнимателно да го набљудува создадението, далеку од градската врева и сообраќајот.
Осврнувајќи се на делата на Мадлен Делбрел, Папата ја поврза духовноста со движењето на велосипедот и потсети дека „на нашиот пат на верата, слично како на велосипед, не можеме да останеме исправени ако не се движиме“.
Велосипедот како средство за евангелизација
Светиот Отец потсети и на одлуката на папата Пиј XII од 1949 година да ја прогласи Богородица од Гисало за заштитничка на велосипедистите.
Тој го поврза ова со традиционалните велосипедски патеки што честопати водат кон планински врвови, каде што се наоѓаат светилишта и капели.
„Побожноста кон Богородица од Гисало собра повеќе велосипедски ходчестија овде во Ватикан“, рече папата Лав, додавајќи дека тоа сведочи оти „велосипедот може да стане и средство за евангелизација“.
Папата го посочи и примерот на блажениот отец Џовани Форназини, свештеник и маченик кој за време на Втората светска војна патувал со велосипед од село до село, ги охрабрувал луѓето и им ги носел светите Тајни.
Неговиот велосипед и денес се чува во Болоња. Блажениот Форназини бил убиен во 1944 година, на 29-годишна возраст, токму поради својата апостолска ревност.
Имајќи ја предвид оваа историја, папата Лав ги охрабри раководителите во велосипедизмот, организаторите на трки и сите стручњаци од овој спорт да се грижат велосипедизмот и понатаму да создава „искуства на автентична човечност“.
На крајот Светиот Отец потсети и на велосипедистите кои ги загубиле своите животи во сообраќајни несреќи.
Меѓу нив, рече Папата, има професионални спортисти, аматери, жени и мажи кои го избрале велосипедот како превозно средство до работното место или училиштето.
Папата ги повика присутните да се сетат на нив во своите молитви и на сите им го подели својот Апостолски благослов.
Ватикан њуз/к.мк

