Бројаница по стапките на милиони ходочесници

Бројаница по стапките на милиони ходочесници

Папата Лав XIV молеше света Бројаница со илјадници ходочесници во Лурд и учествуваше во традиционалната процесија со свеќи што го осветли небото.

Секоја вечер од април до ноември, Светилиштето на Пресвета Богородица во Лурд оживува со молитвата на светата Бројаница и со традиционалната процесија со свеќи.

На 27 септември, на оваа побожност ѝ се придружи еден посебен ходочесник.

Папата Лав XIV свечено тргна по стапките на милионите верници кои низ годините го поминале истиот пат, носејќи ги во своите срца надежите, тагите и борбите, во ова сакано Богородично светилиште познато како место на утеха и исцеление.

Како Петров наследник и пастир на Католичката црква, Папата со себе ги понесе и грижите, тензиите, поделбите и конфликтите што го погодуваат денешниот свет.

„Колку е трогателно да се гледа како верниците, од поколение на поколение, со љубов и доверба одговараат на нежната покана на Дева Марија. Колку е утешно да се слушаат христијаните како пеат химни исполнети со жар и вера и да се гледаат како, со светлина во рацете, чекорат кон својата Мајка на небото, Мајката што Исус ни ја даде од Крстот“, рече папата Лав XIV.

„Му благодарам на Господ што и јас вечерва можам да одговорам на повикот на нашата Мајка, станувајќи ходочесник меѓу ходочесниците “, додаде тој.

Светлина што води кон надежта

Набргу откако часовниците на базиликата во Лурд отчукаа 21 часот, Папата ја започна процесијата од Пештерата Масабиел, местото каде што Пресвета Богородица ѝ се јавила на света Бернадета.

По него одеше папската делегација, а потоа голема поворка составена од епископи, свештеници, волонтери, семејства и бројни ходочесници.

Папата полека се движеше низ светилиштето и по долгата променада, сè до просторот пред базиликата. На чело на процесијата се носеше статуата на Богородица Лурдска, која традиционално ја предводи оваа вечерна молитва со свеќи.

Илјадници верници го придружуваа Папата, молејќи ги „Оче наш“ и „Радувај се, Маријо“, со бројаници и запалени свеќи во рацете.

Некои клечеа на земјата, други стоеја или седеа на столчиња што ги донеле со себе. Многумина беа во инвалидски колички, покриени со ќебиња во свежата вечер.

Гледано оддалеку, над толпата се гледаше само треперењето на илјадниците мали пламенчиња.

Молитвата Бројаница беше придружувано со пеење Богородични химни, а верниците повремено ги креваа своите свеќи високо над главите.

„Светлината што нè води и нè повлекува напред е светлината на надежта“, рече Светиот Отец, „која никогаш не нè напушта, дури ни додека го минуваме патот на овој живот“.

Христос е присутен среде страдањето

Папата рече дека ако е можно „чудото на пронаоѓање спокојство и радост среде страдањето“, тоа е затоа што Бог ни ја дарува благодатта да го препознаеме животворното присуство на воскреснатиот Христос меѓу нас.

„Тој ни овозможува да гледаме подалеку од нашиот земен хоризонт, кон иднината што нè очекува“, нагласи папата Лав XIV.

Цитирајќи го свети Павле, Светиот Отец ги потсети присутните дека:

„Страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата што ќе се открие во нас.“

Така вечерната процесија во Лурд повторно стана она што е за милиони ходочесници низ генерациите: пат на молитва, светлина и надеж, поминат под погледот на Богородица и со доверба во воскреснатиот Христос.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот