Папата Фрањо: Не постои болест, ниту пак психофизичко страдање во кои не може да се препознае светоста на човечкиот живот

Не постои болест, ниту пак психофизичко страдање во кои не може да се препознае светоста на човечкиот живот и знакот на Христовата мака, која поттикнува со љубов да се грижиме за страдалниците, бранејќи го нивното достоинство – истакна Папата во понеделник 24 март пред учесниците на пленарното собрание на Папскиот совет за здравствените работници.

Големата Божја прегратка се стега околу „телото Христово“ и ги теши сите кои се болни и немоќни и кои освен поднесувањето на физичките болки, често пати страдаат и поради напуштеност и рамнодушност од другите – истакна Папата нагласувајќи дека Христовото искуство на Голгота ја промени смислата на човечката болка и даде смисла и на најтешката човечка болест.

Вистина е дека во страдањето никој не е сам, бидејќи во својата милосрдна љубов кон човекот и светот Бог опфаќа и најнечовечки состојби во кои изгледа затемнета и изобличена сликата за Создателот, кој е присутен во секоја личност. Така беше и со Исус во неговата мака. Во него е целата човечка болка, секоја тешкотија, секое трпење прифатено со љубов, од желба да ни биде близок, да биде со нас – рече Светиот Отец.

Во Исусовата мака е најголемото училиште за сите кои сакаат да се посветат во служење на браќата кои трпат и се болни. Искуството на братското делење со страдалниците нѐ отвора кон вистинската убавина на човечкиот живот, која ги опфаќа и животните слабости. Во чувањето и промовирањето на животот, без разлика на годините и состојбата, можеме да препознаеме достоинство и вредност на секој човечки живот, од зачнувањето до природоната смрт – рече папата Фрањо.

Папата потести на блажениот папа Иван Павле II и неговото Апостолско писмо „Спасоносно страдање“(Salvifici doloris) за христијанското значење на страдањето. Посебно е истакнато дека блажениот Папа, завршувајќи го својот живот, беше „примерен“ сведок на своето научителство, „живо научителство“, кое милиони луѓе го почитуваат и вреднуваат. Неговиот пример и научителство треба да се следат – рече Папата на учесниците на пленарното собрание.

Драги пријатели, во секојдневниот живот и во извршуваањето на службата, секогаш нека ви биде пред очи „Христовото тело“ кое е присутно во сиромашните, страдалниците, децата, дури и оние несаканите; во лицата со физички и психички инвалидитет, како и во старите лица – заврши папата Фрањо.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот