Папата Фрањо на светата Литургија во Кампобасо: достоинството на човекот да се стави во центарот на сите аспекти и погледи
А мудроста ги спасува од маки оние, кои ѝ служат (Мудост Соломонова 10,9). Праведникот се спасува од неволја (Мудри Изреки 11,8) – се местата од Светото Писмо кои Светиот Отец ги зема за мотив на проповедта на Евхаристиското славење на фудбалското игралиште во Кампобасо на 5 јули на кое учествуваа околу 80.000 верници. Папата рече дека Божествената мудрост ослободува од злото и ропството, оние кои се ставаат во служба на Господ и Господ не е неутрален, туку стои на страната на слабите, дискриминираните и угнетуваните луѓе, кои му се доверуваат. Исто така истакна два аспекти на животот на Црквата: народот кој му служи на Бог и народот кој живее во слободата која Бог му ја подарува.
Служењето на Бог се остварува на различни начини, а посебно во молитва, обожавање, навестување на Евангелието и сведочење на љубовта. Сликата на Црквата секогаш е Дева Марија – Слугинката Господова (Лк 1,38; 1, 48), која само што го прими поздравот од Ангелот и Го зачна Исус, побрза да и помогне на постарата роднина Елисавета, со што го покажува привилигираниот пат на служење на Бог и ближниот.
Во училиштето на Мајка Марија, Црквата учи секојдневно да биде Слугинка Господова, подготвена за движење и средба и брза во помагање на малите и исклучените. Но, во служба на љубовта сме повикани сите; во секојдневните случки во нашите семејства, парохии, на работа и со ближните – рече Папата. Сведочењето на љубовта е учителски пат за евангелизација. Во тоа Црквата секогаш била предводник; во мајчинска и братската присутност, како и во учествувањето во маките и во кревкоста на луѓето. Тоа е она што и вие драги браќа и сестри великодушно го правите.
Потоа Папата ги поттикна свештениците , посветените луѓе и верниците лаици да се држат на тој пат, да служат на Бог служејќи на ближните и насекаде да ја сеат културата на солидарност, бидејќи во ова ситуација на духовна и материјална несигурност голема е потребата за такви настојувања, а посебно по прашањето за невработеноста, која е рана и која бара заземање од сите.
Потребно е достоинството на луѓето да се стави во центарот на сите аспекти и погледи. Останатите интереси, па и ако се законити се од секундарна важност – објасни Светиот Отец и праша – А зошто достоинството на човекот е во центарот? – Поради тоа што човечката личност е Божја слика. Сите ние сме слика Божја – истакна Папата.
Црквата како Народ кој Му служи на Бог го стекнува искуството на ослободување и во таа – од Бог дарувана слобода – живее. Во прв ред тоа е слободата од гревот и егоизмот во сите негови облици: слободата на радосно себедарување како Девицата од Назарет, која ослободна од себе мисли на оној кој во тој час има поголема потреба. Слободна е во Божјата слобода која се остварува во љубовта – рече Папата. Тоа е слободата која со милоста Божја можеме да ја искусиме во христијанската заедница откако еден на друг сме се ставиле во служба. Без љубомора, пристрасност и озборување. Тоа е слободата која Господ ни ја дарува и не смееме да ја изгубиме: слободата на поклонувањето на Бог; слободата на служење Нему и на браќата – нагласи Папата. Тогаш Господ нѐ ослободува од амбициите и ривалствата кои се закана на единството и заедништвото. Нѐ ослободува од недоверба, тага – и тоа од оние опасните кои нѐ влечат надолу – како и од стравот и од внатрешната празнина; од изолираност, жалења и жалопојки. Исус нѐ ослободува од тоа егзистенцијално сивило – рече папата Фрањо.
Поради тоа учениците Господови иако слаби и грешни повикани се својата вера да ја живеат радосно и храбро во заедништво со Бог и со браќата, во обожавање и во борба со тешкотиите и со искушенијата во животот. Папата посака Богородица за сите да ја испроси радоста на служењето на Господ и слободата која Господ ни ја дарува. Таа секогаш да биде со вас, со вашите болни, стари и млади. Нека за целиот ваш народ биде знак на утеха и сигурна надеж – нагласи на крајот Светиот Отец.
По светата Литургија папата Фрањо отиде во катедралата во Кампобасо каде по обожовањето на Пресветата Олтарска Тајна се сретна со неколку болни и инвалиди меѓу кои беше и едно момче со аутизам. Посебно трогателна беше средбата со една учителка која боледува од рак. Сакаше на Светиот Отец да му подари распетие направено од железо, типична ракотворба од Молизе, но Папата и рече: „Го благословувам распетието и ти го враќам, а ти вети ми дека на тој крст ќе молиш за мене. Тоа е наш договор.“
Папата потоа отиде во „Домот на ангелите“, новиот бискупски каритативен центар, организиран во поранешно училиште. Тука јадеше со сиромашни, штитеници на Каритас и со тоа го отвори тој нов центар.
РВ/Д.И.