Папата: Да се молиме сите да можат да уживаат во достоинството на работата и убавината на одморот

Папата: Да се молиме сите да можат да уживаат во достоинството на работата и убавината на одморот

На празникот свети Јосиф работник, папата Фрањо на светата Литургија се молеше за сите работници да имаат достоинствена работа и за да можат да уживаат во убавината на одморот.

Денес на празникот свети Јосиф работник и Меѓународниот ден на работниците, 1 мај, да се молиме за сите работници; на ниту еден човек да не му се скрати работата и сите да бидат праведно платени и за да можат да уживаат во достоинството на работата и убавината на одморот – рече Папата на почетокот на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта. Во проповедта се осврна на делот од Првата Книга Мојсеева (1Мој 1,26-2,3) која го опишува создавањето на човекот според образ и подобие Божјо. „И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде.“

Бог го создаде светот, го создаде човекот и му даде послание: да управува со создаденото, да работи. Зборот „дело“ во Библијата ја означува Божјата активност: „ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде,“ и ја предаде таа активност на човекот за да соработува со Него – рече Папата и истакна: Човечката работа е повик примен од Бог откако ја создал вселената. Токму работата на човекот го прави сличен на Бог, затоа што со работата е способен да создава.

Работата во себе има добрина и создава хармонија меѓу созданијата и човекот го опфаќа во сè: во неговото размислување, делување, во сè. Првиот човекот повик е да работи; тоа му дава достоинство, според кое е сличен на Бог. Меѓутоа, тоа достоинство за жал често е згазено – рече Папата. Читавме за суровостите кои во историјата ги правеле со робовите. (…) Но, и денес има многу робови, многу мажи и жени кои не можат слободно да работат; принудени се да работат за да преживеат. Тие се робови на принудна, лошо платена работа со која им се гази достоинството. Има многу такви луѓе.

Денешното ропство е нашето „недостоинство“, затоа што го одзема достоинството на мажот, на жената, на сите нас – истакна Светиот Отец и напомена дека тоа се случува со наднијчарите кои примаат многу мал надомест за 12 или дури за 14 часа дневно. Тоа се случува денес, овде. Во целиот свет, но и овде. Како и со домашната помошничка која не прима праведна плата, нема социјално осигурување, ниту пензија. Тоа не се случува само во Азија; тоа се случува и овде.

Секоја неправда која се прави на личноста која работи е газење на човековото достоинство. Така – според зборовите на Папата, се гази и на достоинството на оној кој прави неправда; се спушта на ниско ниво и завршува како диктатор – роб. Напротив, повикот кој ни го дава Бог е толку убав: да создаваме, да работиме. Но, тоа е можно кога условите се добри и кога се почитува достоинството на личноста.

Денес се соединуваме со големиот број верници и со оние кои не веруваат, а кои го слават Денот на работниците, празникот на трудот, за оние кои се борат за праведност на работата, за добрите претприемачи кои ја водат работата во праведност, иако тие самите заради тоа губат – рече Папата и поттикна на молитва за голем број добри претприемачи кои ги чуваат своите работници како да се нивни деца. Да го молиме свети Јосиф да ни помогне да се бориме за достоинство на работата, да има работа за сите луѓе и таа да биде достојна, а не ропска – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот