Папата Фрањо на молитвата Царице небесна: Живата Црква мора да изненадува

Драги браќа и сестри, добар ден!

На празникот Духови си спомнуваме за излевањето на Светиот Дух на апостолите собрани во салата на Последната вечера. Како и Воскресението, тој настан се случи на еврејски празник кој веќе пред тоа постоел, а кој донесува изненадувачко исполнување. Во Делата Апостолски се опишани знаците и плодовите на тоа чудесно излевање: силен ветар и огнени јазици; стравот исчезнува и му отстапува место на храброста; јазиците се одврзуваат и сите го разбираат навестувањето. Таму каде што Светиот Дух доаѓа сѐ се раѓа за нов живот и се преобразува. Настанот на Педесетница означува раѓање на Црквата и нејзино јавно покажување. Овде нѐ погодуваат две работи: тоа е Црквата која изненадува и збунува.

Основен составен дел на Педесетница е изненадувањето. Како што ни е познато дека нашиот Бог е Бог на изненадувањето. Никој ништо повеќе не очекувал од учениците: по Исусовата смрт биле безначајна група, поразени сираци на својот Учител. Меѓутоа се случило нешто зачудувачко: луѓето се зачудиле, бидејќи сите ги слушнале учениците како зборуваат на нивниот јазик, проповедајќи ги големите Божји дела (Дела 2, 6-7.11). Црквата која се раѓа на Педесетница е заедница која пробудува чудење, бидејќи силата која доаѓа од Бог, навестува нова порака – Христовото Воскресение – со нов јазик, а тој јазик е универзалната љубов. Тоа е новото навестување: Христос е жив, воскресна; нов јазик; јазик на љубовта. Учениците облечени со сила одозгора и зборуваат храбро и отворено, со слободата на Светиот Дух.

Црквата е повикана секогаш да биде таква: способна да изненадува навестувајќи на сите дека Исус Христос ја победи смртта, дека Божјите раце се секогаш раширени, дека Он секогаш трпеливо нѐ чека, за да нѐ оздрави и да ни прости. Всушност заради тоа послание воскренатиот Исус и го дарува на Црквата својот Дух.

Ако Црквата е жива, секогаш мора да изненадува. Всушност за живата Црква е својствено да изненадува. Црквата која не знае да изненадува е слаба, болна, Црква на умирање и мора што побрзо да се смести на одделот за реанимација!

Некои во Ерусалим повеќе би сакале Исусовите ученици, блокирани од стравот да останат затворени во куќата и да не создаваат метеж и збрка. Многумина и денес тоа го сакат од христијаните. Меѓутоа воскреснатиот Господ ги става во светот: „Како што ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“ ( Ив 20,21). Црквата на Педесетница е Црква која не се помирува со тоа да биде пасивна, да биде предмет за украс. Тоа е Црква која не се двоуми да излезе надвор, во пресрет на луѓето, да ја навести пораката која и е доверена, иако таа порака вознемирува и ја потресува совеста, иако таа порака можеби донесува проблеми и понекогаш води до мачеништво. Таа се раѓа како една и сеопшта, со точно одреден идентитет, но отворена, Црква која го прегрнува светот, но не го гуши, токму како колонадата на овој плоштад: тоа се две раширени раце кои сакаат да ги прими сите, но не ги стегаа за да ги задржат. Ние христијаните сме слободни и Црквата нѐ сака слободни!

Да се обратиме на Дева Марија која на тоа утро на Педесетница заедно со учениците била во салата на Последната вечера. Во неа силата на Светиот Дух навистина направи „големи дела“ (Лк 1,49). Таа самата тоа го кажа. Нека таа, Мајката на Откупителот и Мајка на Црквата по своето застапување измоли ново излевање на Духот Божји на Црквата и на светот.

По молитвата Царица небесна

Како што знаете вечерва во Ватикан преседателите на Израел и Палестина ќе ни се придружат, на мене и на цариградскиот екуменски патријарх во молитвата за дар на мир во Светата Земја, на Блискиот Исток и во целиот свет. Сакам да им се заблагодарам на сите кои лично и заедно со други молеле и молат за таа средба и кои во духот ќе ни се придружат на нашата молитва. Благодарам!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот