Папата Фрањо на Генералната аудиенција: Блаженствата се огледало на христијанскиот живот

Блаженсвта се огледало на христијанскиот живот, „патот кој Бог го покажува како одговор на желбата за среќа вткаена во човекот и ги усовршува заповедите на Новиот сојуз“. Тоа го посочи папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда, 6 август 2014 година, прва по летната пауза, која ја одржа во ватиканската сала „ПавлеVІ“. Светиот Отец продолжи со циклусот катехези посветени на Црквата. Ја пренесуваме катехезата на Папата во целост.

**************************

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во претходната катехеза видовме како Црквата создава еден народ, народ кој Бог трпеливо и со љубов го подготвувал и на кој што сите сме повикаме да му припаѓаме. Денес сакам да ја истакнам новоста која го карактеризира тој народ: станува збор навистина за нов народ кој се темели на новиот сојуз кој Господ Исус го воспостави со дарот на својот живот. Со таа новост не се негира претходно поминатиот пат, ниту е во спротивност со него, туку преставува негово продолжување, доаѓа до полнината на тој пат.

1. Има еден многу важен лик кој служи како составен дел помеѓу Стариот и Новиот завет: тоа е Иван Крстител. За синоптичките Евангелија, тој е „Претеча“, оној кој го подготвува доаѓањето на Господ, подготвувајќи го народот на преобраќање на срцата и прифаќањето на Божјата утеха која се приближува. За Ивановото Евангелие тој е „сведок“ бидејќи ни помага да го препознаеме во Исус оној кој доаѓа од небото, да ги прости нашите гревови и од секој народ да направи своја свршеница, првенец на новото човештво. Како „Претеча“ и „сведок“, Иван Крстител има централна улога во целото Свето Писмо бидејќи служи како мост помеѓу ветувањата во Стариот Завет и неговите исполнувања, помеѓу пророштвата и нивните исполнувања во Исус Христос. Со своето сведочење Иван ни го покажува Исус, нѐ повикува да Го следиме и отворено ни порачува дека тоа бара понизност, покора и преобраќање: тоа е повик на понизност, покора и преобраќање.

2. Како што Мојсеј склопи сојуз со Бог на темелите на законот примен на Синај, така Исус од една гора на брегот на Галилејското езеро го предава на своите ученици и на мноштвото новото учење кое започнува со блаженствата. Мојсеј го дава законот на Синај, а Исус, новиот Мојсеј, го дава законот на таа гора на брегот на Галилејското Езеро. Блаженствата се патот кој Бог го покажува како одговор на желбата за среќа вткаена во човекот и ги усовршува заповедите на Новиот сојуз. Ние сме навикнати да ги учиме Десетте заповеди – сигурно сите ги знаете, сте ги учеле на веронаука – но не сме навикнати да ги повторуваме блаженствата. Да се обидеме да ги запаметиме и да ги втисниме во своето срце. Да направиме нешто: јас ќе ги изговарам, а вие повторувајте ги по мене. Се согласувате?

Првото: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството небесно!“ (народот повторува)

„Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат!“

„Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“

„Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат!“

„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“

„Блажени се чистите по срце, оти тие ќе го видат Бога!“

„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“

„Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е Царството Небесно!“

„Блажени сте вие, кога ќе ве страмат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене! Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата!“

Одлично! Но, да направиме една работа: ќе ви дадам домашна задача, задача која ќе ја направите дома. Земете го Евангелието, она кое го носите со себе… Се сеќавате дека мора секогаш да носите мало Евангелие со себе, во џебот, во торбата, секогаш; тоа кое го имате дома. Земете го Евангелието и во првите глави на Евангелието по Матеј – мислам во петтата – се наоѓаат блаженствата. И денес, утре прочитајте ги дома. Дали сакате да го направите тоа? (народот Да!) Да не ги заборавите бидејќи тоа е законот кој ни го дава Исус! Дали сакате да го направите тоа? Благодарам!

Во тие зборови се крие целата новост која што ја донесе Христос, целата Христова новост е во тие зборови. Всушност, блаженствата се Исусовиот портрет, неговиот облик на животот; и тие го претставуваат патот на вистинската среќа, која и ние можеме да ги надминеме со милоста која ни ја дава Исус.

3. Освен новиот закон, Исус исто така ни предава и „протокол“ според кој ќе бидеме судени. Кога на светот ќе му дојде крајот ние ќе бидеме судени. А кои прашања таму ќе ни бидат поставени? Кои ќе бидат тие прашања? Кој ќе биде протоколот според кој судијата ќе ни суди? Тоа е она што се наоѓа во 25 глава на Евангелието по Матеј. Денес имате за задача да ја прочитате петтата глава од Евангелието по Матеј каде што се блаженствата; и да ја прочитате 25 глава каде што се наоѓа протоколот , прашањата кои ќе ни се постават на судниот ден. Нема да има титули, углед, привилегии зад кои што ќе можеме да се сокриваме. Господ ќе не препознае ако ние самите Него сме Го препознале во сиромавиот, во гладниот, во оној кој е во недостиг и маргинализираниот, во оној кој трпи и кој е сам… Тоа е едно од основните мерила за проверка на нашиот христијански живот според кој Исус нѐ повикува да се мериме секој ден. Ги читам блаженствата и мислам каков мора да биде мојот христијански живот, а потоа правам испит на совеста со тоа од 25 глава на Евангелието по Матеј. Секој ден: го направив тоа, тоа, тоа… Тоа ќе биде добро! Тие се едноставни но конретни работи.

Драги пријатели, новиот сојуз се состои всушност во тоа: да препознаеме дека Бог во Христос ни го објавува своето миросрдие и сочувство. И тоа е она што нашето срце го исполнува со радост и тоа е она што од нашиот живот прави прекрасно и веродостојно сведочење на Божјата љубов кон своите браќа кои ги среќаваме секој ден. Сетете се на задачата! Петтата глава од Евангелието по Матеј и 25 глава од Евангелието по Матеј. Благодарам!

Апел за населението погодено од земјотрес во Кина

Ја изразувам својата близина со населението во кинеската покраина Јунан која минатата недела е погодена од земјотрес и кој предизвика многу жртви и големи штети. Молам за покојните и за членовите на нивните семјства, за ранетите и за сите оние кои останале без кров на главата. Нека Господ им даде утеха, надеж и солидарност во ова искушение.

РВ/Д.И.

2042

Категорија: Ватикан

За авторот