Папата Фрањо: Мудрост е сите работи да се гледаат со Божји очи

Драги браќа и сестри, денес ја започнуваме серијата катехези за даровите на Светиот Дух. Светиот Дух претставува душа, животна лимфа за Црквата и секоја христијанска заедница: тоа е Божјата љубов која од нашите срце прави свое престојувалиште и стапува во заедништво со нас. Светиот Дух е секогаш со нас, Тој е секогаш во нас, во нашето срце.

Самиот Дух е „дарот Божји“ во вистинска смисла на зборот (Ив 4,10), тоа е Божји дар и му пренесува на оној кој го прифаќа разни духовни дарови. Црквата утврдила дека се седум, број кој на симболичен начин означува полнина, целосност; тоа се оние за кои се учи во текот на подготовката за светата Тајна Миропомазание и кои ги спомнуваме во старата молитва наречена „духовска последователност “. Даровите на Светиот Дух се мудрост, разум, совест, јакост, знаење, набожност и страв Божји.

1. Првиот дар, според таа листа е мудроста. Но, не станува збор едноставно за човечката мудрост која што е плод на знаење и искуство. Во Библијата се зборува како Соломон, во моментот на своето крунисување за цар на Израел, барал дар на мудрост (1Царства 3,9). А мудроста всушност е ова: милост да може да се гледа сѐ со Божји очи. Тоа едноставно е ова: да го гледаме светот, да ги гледаме ситуациите, настаните, проблемите, сѐ со Божји очи. Тоа е мудрост. Понекогаш гледаме на работите онака како што нам ни се допаѓа или според она што чувствуваме во своето срце, со љубов или омраза, со завист… Но, тоа не е Божји поглед. Мудрост е она што Светиот Дух го прави во нас, сѐ да гледаме со Божји очи. Тоа е дар на мудроста.

2. Очигледно е дека мудроста доаѓа од блискоста со Бог, од нашиот однос со Бог, од односот на синовите со Отецот. А Светиот Дух, кога тој однос постои, ни го дава дарот на мудроста. Кога сме поврзани со Господ, Светиот Дух како да го преобразува нашето срце и му помага да ја почувствува целата своја топлина и љубов.

3. Според тоа Светиот Дух ги прави христијаните „мудри“, но не во смисла да имаат на сѐ подготвен одговор, сѐ да знаат, туку во смисла да го „познаваат“ Бог, да знаат како делува Бог, да знаат кога нешто е од Бог, а кога не е; да ја имаат таа мудрост која Бог ја дава на нашите срца. Срцето на човек кој е мудар во таа смисла мириса на Бог. Колку само е важно во нашите заедници да има такви христијани! Сѐ во нив зборува за Бог и станува прекрасен и жив знак на Неговата присутности и на Неговата љубов. И тоа е нешто што не може да се импровизира, што не може сами на себе да си го обезбедиме: тоа е дар кој Бог го дава на оние кои се покорни на неговиот Дух. Ние го имаме во себе, во нашето срце, Светиот Дух; можеме да го слушаме, можеме и да не го слушаме. Ако го слушаме, Светиот Дух Тој нѐ учи на тој пат на мудроста, ни ја дарува таа мудрост која се состои во тоа да гледаме со Божји очи, да слушаме со Божји уши, да љубиме со Божјото срце, сѐ да пресудуваме со Божјите мерила. Тоа е мудроста која ни ја дарува Светиот Дух и сите можеме да ја имаме. Само мораме да ја бараме од Светиот Дух.

Замислете една мајка, нејзината куќа со децата која, кога едно направи едно, а другото смислува нешто друго и кутрата мајка оди од едното до другото, преокупирана со проблемите на децата. И кога мајката се измори и почне да вика на децата, дали тоа е мудрост? Дали викањето на децата – ве прашувам вас – е мудрост? Што велите вие: дали е мудрост или не? Не! Меѓутоа, кога мајката ќе го земе детето во рацете и благо го прекори и му каже: „Тоа не смееш, затоа што…“ па сѐ ќе му објасни со голема трпеливост, дали тоа е Божја мудрост! Да! Тоа е она што Светиот Дух ни го дава во животот! Потоа, во бракот, пример, брачните другари – маж  и жена – се караат, а потоа не сакаат еден со друг ниту да се погледнат или ако се гледаат прават гримаси: дали тоа е Божија мудрост! Не! Меѓутоа, ако кажат: „Но, добро, бурата помина, дај да се помириме“ и продолжат да живеат во мир, дали тоа е мудрост? (народот: Да!) Ете, тоа е дарот на мудроста! Нека слезе на домовите, нека слезе на децата, нека слезе на сите нас!

И тоа не е нешто што се учи: тоа е дар на Светиот Дух. Поради тоа мораме да се молиме на Господ да ни го даде Светиот Дух и да ни го даде дарот на мудроста, она Божја мудрост која нѐ учи да гледаме со Божјите очи, да чувствуваме со Божјото срце, да зборуваме со Божјите зборови. И така, со таа мудрост, да чекориме напред, да го градиме семејството, да ја градиме Црквата, и сите да се посветиме. Да молиме денес за милоста – мудрост. И да ја молиме Марија, која е Престол на мудроста, за тој дар: таа нека ни ја даде таа милост. Благодарам!

Апел на Светиот Отец

Во понеделникот во Хомс, во Сирија е убиен пат Франс ван дер Лугт, мој 75-годишен собрат исусовец од Холандија кој отишол во Сирија пред педесет години. Секогаш правел добро на сите, со благодарност и љубов и затоа бил омилен и ценет и меѓу христијаните и меѓу муслиманите.

Неговото брутално убиство ми го исполни срцето со длабока тага и ме потсети исто така на многумина кои трпат и умираат во таа измачена земја, која веќе предолго е плен на крвав конфликт кој и понатаму сее смрт и уништување. Во моите мисли се и бројните киднапирани луѓе, христијани и муслимани, од Сирија и други земји, меѓу кои има и епископи и свештеници. Да се молиме на Господ што порано да се вратат на своите мили и на своите семејства и заедници.

Од срце ве повикувам да ми се придружите во молитвите за мир во Сирија и тие краеви, и упатувам искрен апел до одговорните луѓе во Сирија и меѓународната заедница: нека го замолчат оружјето, нека се прекине насилството! Нека нема повеќе војна! Нека нема повеќе уништување! Нека се почитува хуманитарното право, нека се грижи за луѓето на кои им треба хуманитарна помош и нека се постигне посакуваниот мир по пат на дијалог и помирување. Да се обратиме сега на нашата Мајка Марија, Царица на мирот и да ја замолиме да ни го подели тој дар за Сирија. Да молиме сите заедно: Радувај се Маријо…

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот