Папата Фрањо: Лаиците не се членови од втор ред во Црквата

Верниците лаици не се членови од втор ред во Црквата, во служба на хиерархијата и обични извршители на наредбите кои доаѓаат од горе. Тие, како Христови ученици, се повикани да ја вдахновуваат нивната средина, според духот на Евангелието.

Ова го истакна папата Фрањо во пораката до учесниците на Конференцијата, организирана од Папскиот совет за лаици во соработка со Папскиот универзитет „Светиот Крст“ на тема „Звањето и мисијата на лаиците, 50 години од соборскиот документ Apostolicam auctositatem“.

„Вториот ватикански собор“ беше исклучително благотворен настан, кој меѓу своите бројни плодови помогна да се погледне на нов начин на звањето и мисијата на лаиците во Црквата и во светот“, забележува Папата во пораката. Според документите на Вториот ватикански собор „ верниците лаици се дел од Божјиот народ, на кој му припаѓаат заедно со свештенослужителите и богопосветените лица и во кој учествуваат на свој начин, во свештеничкото, пророчкото и царското служење на Христос. Затоа, нагласува папата, Соборот не гледа на лаиците така како да се  членови од втор ред во служба на хиерархијата и обични извршители на наредбите од погоре. Тие се ученици Христови, кои според своето Крштение и природно учество во светот, се повикани да ја вдахноват секоја средина, дејност, човечки однос според духот на Евангелието. Тие треба да ја носат светлината добиена од Христос, надеж и милосрдие во оние места, кои инаку би можеле да останат надвор од делувањето на Бог и напуштени пред мизеријата на човечката состојба (GS и LG).

Папата се задржа на соборскиот документ Apostolicam auctositatem кој гледа одблизу на природата и средината на апостолатот на лаиците. Станува збор за документ кој потсетува дека суштината на христијанското звање е исто што и звањето на апостолат (2). Затоа, истакнува папата Фрањо, „навестувањето на Евангелието не е привилегија само за некои „професионалци на мисијата“, туку треба да биде длабок копнеж на сите верници лаици, повикани по силата на Крштевањето, не само да ги одухотворат христијански привремените реалности, туку и да евангелизираат, да навестуваат и да ги осветуваат луѓето“.

Светиот Отец потсетува дека „примената на Вториот ватикански собор во секојдневниот живот на секоја заедница беше пастирската грижа што секогаш го инспирираше свети Иван Павле II, кој за време на Големиот јубилеј во 2000 изјави: „Се отвора нов период пред нашите очи: настапи времето да се продлабочи учењето на Соборот, времето да се соберат плодовите на она што го посеаја соборните оци и што генерацијата во овие години грижливо го одгледа. Вториот ватикански собор беше вистинско пророштво за животот на Црквата; ќе продолжи да биде и многу години и во штотуку започнатиот трет милениум“ (Слово за Меѓународниот конгрес за исполнување на Вториот ватикански собор, 27 февруари 2000).

Папата Фрањо ја завршува пораката со молитва кон Господ, за да можат „пастирите и лаиците да имаат во срцето иста загриженост да живеат и го применуваат Соборот и да ја носат на светот светлината на Христос“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот