Пукање во Чикаго. Папата повикува на почитување на животот

Пукање во Чикаго. Папата повикува на почитување на животот

Папата Фрањо го осудува пукањето во кое загинаа шест лица, а повеќе од 30 се повредени на парадата на Денот на независноста на САД во Хајленд Парк, северно предградие на Чикаго.

Во телеграмата со сочувство потпишана од државниот секретар кардинал Пиетро Паролин, папата Фрањо го осудува пукањето и апелира на отфрлање на сите форми на насилство и почитување на животот во сите негови фази.

Телеграмата е упатена до надбискупот од Чикаго, кардиналот Бласе Купич, а во неа Папата изразува длабока тага, нарекувајќи го пукањето „бесмислено“. Тој го замоли кардиналот да ја пренесе својата духовна близина до сите засегнати.

Папата рече дека се придружува на „целата заедница во молитвата Семоќниот Бог да им даде вечен покој на починатите и исцелување и утеха на ранетите и ужалените“.

„Со непоколеблива вера дека Божјата благодат може да ги преобрати и најтврдокорните срца, овозможувајќи да отстапат од злото и да прават добро“, папата Фрањо моли „секој член на општеството да го отфрли насилството во сите негови форми и да го почитува животот во сите негови фази“.

Светиот Отец ја заврши телеграмата испраќајќи го својот апостолски благослов „како залог на сила и мир во Господа“.

Пукање во САД

Во понеделникот, 4 јули, вооружен маж од покрив отвори оган на парадата на Денот на независноста во богатото северно предградие на Чикаго, убивајќи најмалку шест лица, а рани уште најмалку 30 други.

Ова пукање е едно од серијата трагични настани со пукање во земјата и доаѓа во светло на многу други во текот на 2022 година од кои беа погодени училишта, цркви, продавници и сега локалните паради.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот