Папата Фрањо: Куба, место на среќавање и пријателство
По скоро дванаесетчасовен лет, папата Фрањо слета на аеродромот „Хозе Марти“ во главниот град на Куба, Хавана, каде беше пречекан од претседателот на земјата, Раул Кастро,придружуван од кардиналот, архиепископот на Хавана, Хаиме Ортега и Аламино.
При слегувањето од авионот, две мали деца му подарија букет цвеќиња на Светиот Отец. По краток разговор, Папата заедно со претседателот Раул Кастро, се упати кон специјално подготвена писта за официјалната церемонија на дочек, на која присуствуваа претставници на граѓанските власти, регионалните декани на дипломатскиот кор, епископите на Куба и група верници. Ви го претставуваме целосниот текст на првиот говор на Папата на кубанска почва:
Ви благодарам, г-дине Претседател, за вашиот пречек и убави зборови со кои ме примивте, од името на Владата и целиот кубански народ. Мојот поздрав е упатен и до властите и членовите на дипломатскиот кор, кои со љубов присуствуваат на овој настан.
Им благодарам за братскиот пречек на кардиналот Хаиме Ортега и Аламино, архиепископ на Хавана, на монсињор Дионисиј Гулиермо Гарсија Ибаниес, на архиепископот на Сантијаго де Куба и претседател на епископската конференција, како и на сите останати епископи и на целиот кубански народ.
Благодарам на сите оние кои се труделе во подготовката на оваа пасторална посета. Сакам да ве замолам, г-дине Претседател, да ги предадете моите чувства на посебно внимание и почит кон вашиот брат, Фидел. Би сакал, згора на тоа, моите честитки да достигнат, на посебен начин, до сите оние луѓе кои поради различни причини, нема да можам да ги сретнам и до сите Кубанци во светот.
Г-дине Претседателе, оваа година се прославуваат 80 години од воспоставувањето на постојаните дипломатски односи меѓу Република Куба и Светиот Престол. Божественото провидение ми овозможи денес да дојдам во оваа сакана нација, следејќи ја неизбришливата трага на патот, отворен од сеќавањата за апостолските посети на овој остров од моите двајца претходници, свети Иван Павле II и Бенедикт XVI. Знам дека споменот за нив предизвикува кај народот и властите на Куба чувства на благодарност и љубов. Денес, се обновуваат овие врски на соработка и пријателство, за да може Црквата да продолжи да го придружува и охрабрува кубанскиот народ во неговите надежи, стравови, со слобода и со сите потребни средства, за да се пренесе навестувањето на Царството Божјо до егзистенцијалните периферии на општеството.
Оваа апостолска посета се совпаѓа и со стогодишнината од прогласувањето на Дева Марија на милосрдието од Кобре за покровителка на Куба, од Бенедикт XV. Воените ветерани за независноста беа оние кои поттикнати од верата и патриотизмот, побараа кубанската Девица, да биде покровителка на Куба, како слободна и суверена нација. Од тој момент, таа ја придружува историјата на кубанскиот народ, поддржувајќи ја надежта, која го чува достоинството на луѓето во најтешките ситуации и бранејќи ја популаризацијата на сè што дава достоинство на човечкото суштество. Зголемената побожност кон Пресвета Богородица на милосрдието од Кобре е видливо сведоштво за присуството на Мајката Божја во душата на кубанскиот народ. Во овие денови ќе имам можност да го посетам Светилиштето на Кобре, како син и како поклоник, за да се молам на Богородица за сите нејзини кубански чеда и за оваа сакана нација, за да оди по патиштата на правдата, мирот, слободата и помирувањето .
Од географска гледна точка, Куба е архипелаг, гледа кон сите правци, со една исклучителна вредност на „клуч“ меѓу северот и југот, исток и запад. Нејзиниот природен повик е да биде место на средби за сите народи, за да се откријат како пријатели, како што сонуваше Хозе Марти: „Над јазичните бариери и морските бариери“. Истата тоа желба беше и на свети Иван Павле II, со неговиот апел „Куба да се отвори со сите ваши прекрасни можности за светот и светот да се отвори за Куба“ (21 јануари 1998).
Веќе неколку месеци, сме сведоци на еден настан кој нѐ исполнува со надеж: процесот на нормализација на односите меѓу два народа, по многу години на оддалечување и отуѓување. Ги охрабрувам политичарите кои се одговорни да продолжат по овој пат и да го развијат целиот негов потенцијал, како доказ за возвишено служење кон она што се повикани во корист на мирот и благосостојбата на нивните народи, на цела Америка, и како пример за помирување за целиот свет. Светот има потреба од помирување, во оваа трета светска војна, која ја живееме на делови.
Ги доверувам овие денови на застапништвото на Дева Марија на милосрдието од Кобре, на блажените Олало Валдес и Хозе Лопез Пиетиера и на божјиот слуга Феликс Варела, голем делител на љубовта меѓу Кубанците и кај сите луѓе, за да зајакнат нашите врски на мир, солидарност и меѓусебна почит.
Повторно, благодарам многу, г-дине Претседател.
РВ/В.Н.