Папата Фрањо: Кардинал Туан е сведок на надежта и служител на Божјото милосрдие
Ватикан, 6.7.2013 /к.мк/ – Кардиналот Франсоа Ксавиер Нгуен Ван Туан беше човек „длабоко соединет со Оној кој го повика да му служи на Неговото милосрдие и љубов”. Со овие зборови Папата Фрањо за време на аудиенцијата во сабота 6 јули потсети за делото на виетнамскиот кардинал пред учесниците на завршната епархиска фаза од процесот за беатификацијата на Божјиот слуга Ван Туан. Поздравен говор до Папата упати кардинал Турксон, претседател на Папскиот совет Правда и Мир.
„Многумина се оние кои можат да посведочат дека израснале во верата благодарејќи на нивната средбата со Божјиот слуга Франсоа Ван Туан, во различни фази од неговиот живот”, рече Папата во својот говор. Ван Туан е архиепископ на Сајгон, кој во 1975 година, за време на комунистичкиот режим, е уапсен поради својата вера и поминува во затвор 13 години, од кои 9 години во самица. Кардинал Туан, истакна Папата, „беше сведок на надежта” и остави длабок впечаток на секој што се сретнал со него:
„Искуството покажува дека гласот за неговата светост се шири преку сведоштвото на многуте луѓе кои се сретнале со него и кои ја чуваат во своите срца неговата смирена насмевка и великодушност”.
Во 2000 година ги води духовните вежби во Великиот пост за Римската курија, а во 1998 година Ивана Павле II го именува за претседател на Папскиот совет Правда и Мир. Папата Фрањо потсети дека сеуште е жив спомен за кардинал Туан во Папскиот совет, спомен кој исто така е „духовно присуство со што продолжува да го подарува својот благослов”. Но кардинал Туан исто така е познат и преку своите пишани трудови:
„Многумина го познаваат и од неговите книги, едноставни, но длабоки кои ја покажуваат неговата свештеничката душа, длабоко соединет со Оној кој го повика да му служи на Неговото милосрдие и љубов”. (го*ко)