Папата Фрањо: Исус е тајната на христијанската великодушност

Ватикан, 17.6.2013 /к.мк/ – За христијанинот, Христос е сè и оттука произлегува неговата великодушност. Тоа го истакна папата Фрањо во своето размислување за време на светата Литургија, во понеделник 17 јуни, во капелата на домот Света Марта во Ватикан. Папата истакна дека правдата на Исус е поголема од онаа на книжниците, за кои таа значи „око за око, заб за заб“. На светата Литургијата сослужуваа кардинал Атилио Никора, архиепископот од Манила кардиналот Луис Антонио Тагле, а присутни беа соработници од Ватиканските музеи предводени од административниот директор отец Паоло Николини.

Папата Фрањо го насочи размислувањето од зборовите на Исус упатени кон учениците во денешниот евангелски извадок: „Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“ (Матеј 5, 38-42). Овие зборови, истакна Папата, се користат и денес, за потсмев кон христијаните. Нормалната логика во животот, продолжи тој, нè учи дека „треба да се бориме, да го заштитиме нашето место“ и ако ни удрат една шлаканица „ние треба да одговориме со две и да се заштитиме“. Кога давам совети на родителите, рече Светиот Отец, им велам дека не смеат никогаш да ги „удираат децата по образите, бидејќи тие се израз на достоинството“. Во евангелскиот извадок, продолжи тој, „Исус, освен шлаканицата на едниот образ, прави чекор напред и вели да се даде и наметката, да се соблечеме целосно“.

„Правдата, што ја донесе Христос е сосема поинаква од правдата на „око за око, заб за заб“. Од тука можеме да го разбереме кога свети Павле зборува за христијаните како „луѓе кои немаат ништо, но поседуваат сè“. Безбедноста на христијаните се изразува токму во тоа „сè“ кој е Исус Христос. Останатото за христијаните е „ништо“. „За духот на светот“, истакна Папата, „сè“ се богатство, суетите да се добијат највисоките позиции, а Исус е „ништо”. Тука, посочи папата Фрањо, „се крие тајната на христијанската великодушност што секогаш оди заедно со помирувањето“

„Христијанинот е човек кој го отвора своето срцето со таа великодушност, бидејќи поседува „сè“, кој пак е Исус Христос. Сето останато е „ништо“. Останатите работи се „добри“ и му служат на христијанинот, но при секој избор, се избира секогаш „сè“ заедно со христијанското помирување, што е карактеристичен знак на Христовите ученици: помирување и великодушност. Не е лесно да се живее на овој начин, бидејќи често добиваш шлаканици. Но христијанинот е смирен и благороден: го отвора своето срце. А кога ќе сретнеме христијани со затворено срце, тоа не е христијанство, туку себичност маскирана со христијанството“.

Вистинскиот христијанин, продолжи Папата, „знае како да ја реши оваа биполарна ситуација, таа тензија меѓу „сè“ и „ништо“, следејќи ги советите на Исус: „Барајте го прво Царството Божјо и неговата правда, и сè друго доаѓа потоа“:

„Царството Божјо е „сè“, останатото е споредно, не е важно. Сите грешки на христијаните, на Црквата, сите наши грешки се раѓаат од тука, зашто го заменуваме „ништото“ со „сè“ и обратно. Не е лесно да се следи Исус, но не е и тешко, бидејќи по патот на љубовта Господ прави така што можеме да одиме напред: Самиот Господ ни го отвора срцето“.

Да се молиме на Господ, за „да го отвори нашето срце, да бидеме понизни и великодушни и да не се бориме секој ден за малите и ништожни нешта“, истакна папата Фрањо:

„Кога некој избира „ништо“,се раѓаат раздорите во семејството, со пријателите, во општеството; раздори, кои се претвораат во војна: за ништо! „Ништото“ е секогаш семе за војните, бидејќи е семе на егоизмот. „Сѐ“ е онаа големина, која е Исус. Да побараме од Господ да го отвори нашето срце, да бидеме понизни, кротки и великодушни, бидејќи имаме „сè“ со Него; да нѐ штити, за да не си создаваме секојдневни проблеми околу „ништото“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<