Папата Фрањо: Жените се чувари на светот

Папата Фрањо: Жените се чувари на светот

На Меѓународниот ден на жената, мислите на Папата посебно се упатени кон оние кои минуваат низ големи страдања како резултат на конфликти, глад и нè повикува да ја наследуваме Марија, царицата на мирот.

На меѓународниот ден на жената, Светиот Отец објави порака на својот профил на Твитер, @Pontifex, во која се сеќава на страдањата и болките на толку многу жени и повикува да земеме пример од Пресвета Богородица за да можеме во молитва со неа повторно да го најдеме својот патот.

„Гледајќи ја Марија со нејзиниот син во прегратките, мислам на младите мајки и нивните деца кои бегаат од војни и глад или чекаат во бегалски кампови. Ги има многу! Царицата на мирот нека направи хармонија во нашите срца и во целиот свет“.

Лицето на денешните жени

Во солзи ги поздравуваат своите сопрузи кои заминуваат на фронт, цврсто ги прегрнуваат преплашените деца, на плоштадот храбро извикуваат „не“ на војната која никому не припаѓа, се подготвени да им помогнат на војниците кои би требало да бидат непријатели, а кои се исплашени и кревки млади луѓе. Конфликтот меѓу Русија и Украина го покажа лицето на денешните жени: комбинација на грижа, сила, нежност, но пред сè израз на љубов која, во болката, станува дом и засолниште.

Да се одржат соништата и конкретноста

Кај овие жени, без разлика дали се Русинки или Украинки, светот денеска гледа на Меѓународниот ден кој е посветен на нив и на кои на нивна кожа изгорена од болка се приковани зборовите на папата Фрањо, изговорени неколку пати. На празникот Мајка Божја, 1 јануари, Папата потсети на Марија, жена која „чувала медитирајќи“ (слагајќи во нејзиното срце) и истакна дека „мајките не гледаат на светот за да го искористат, туку за да имаат живот: гледајќи со срце, тие се способни да ги одржат заедно соништата и конкретноста.

„И додека мајките ги даваат своите животи, а жените го чуваат светот, сите ние работиме на промовирање на мајките и заштита на жените. Колку многу насилство има врз жените! Доста е! Да се повреди жена значи да се огорчи Бог кој ја примил човечноста од жена, не од ангел, не директно: се роди од жена.

Марија и сочувството

Насилството врз жените е „речиси сатански“ проблем, рече Папата во телевизиско интервју за Медијасет во декември 2021 година, откако ја слушаше Џована со тежок семеен живот зад себе. Тој го повтори изразот „достоинство“:

„Какво е достоинството на претепаните и малтретираните жени? Кога влегувам во базиликата една слика ми доаѓа од десно, Богородица Пиета, Богородица понижена стои пред својот гол син, распнат, злосторник во очите на сите. Таа мајка, која го одгледала, е крајно понижена. Но, таа не го изгубила своето достоинство и гледајќи ја оваа слика во тешките моменти како што е твоето понижување и кога чувствуваш дека го губиш своето достоинство, гледањето на таа слика ни дава сила… Погледнете ја Богородица, останете со таа слика на храброст.”

Поглед на надеж

Понижување, страдање, тврдост на умот. Денес, во срцето на секоја жена, во одредени моменти од животот, тој замав продолжува. Има лек, постои поглед кој почива на кревкоста, на болката, на пример, на сопствените деца. Тој женски поглед – објасни Папата – го преобразува обесхрабрувањето и нуди надеж дури и во сценарија на војна.

„Се присетувам на лицата на мајките кои се грижат за болно дете или дете во тешкотии. Колку љубов има во нивните очи, кои додека плачат знаат да влеат причини за надеж! Нивниот поглед е свесен, без илузии, но покрај болката и проблемите нуди широка перспектива, перспектива на грижа, љубов што ја обновува надежта“.

Во овие изјави на папата Фрањо има клучни зборови кои ве тераат да здивнете, бидејќи кај жените, дури и да се малтретирани, злоставувани, жртви, постои Божјото семе, кое е Љубовта. Тука на пример е Марија која помага, тука е нејзиното „да“ кое не е предавање, туку доверба во Господ и исто така во човештвото кое не гледа светлина овие денови и кое изгледа уништено од болната врева на војната.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот