Папата Фрањо: Дијалогот е патот на мирот
Во понеделник 30 септември Светиот Отец на аудиенција ги прими членовите на заедницата Свети Егидо, претставници на Црквата, како и црковни заедници и преставници на големите религии, кои учествуваат на 27 собир за мир, организиран од заедницата Свети Егидо. Папата им заблагодари што одат по патот, кој папата Иван Павле II го зацрта во Асизи 1986 година, повикувајќи ги сите да се молат и работат за мир.
Чувствуваме дека во овие месеци е потребен дух кој го надахна средбата од Асизи – рече Папата, потсетувајќи дека верските водачи во 1986 година се сретнаа во Асизи со желба заедно да се ангажираат за мир: не едни против други, туку едни со други. Папата ги охрабри членовите на заедницата Свети Егидо да продолжат по патот кој 1986 година го посочи блажениот папа Иван Павле II.
Никогаш не смееме да застанеме пред страдањата на цели народи, погодените од војни, бедата, искористувањето. Не смееме рамнодушно и немоќно да ја гледаме драмата на децата, семејствата, старите лица. Не смееме да дозволиме тероризмот да завладее со срцата на неколкумина насилници кои на многумина им нанесуваат болка и смрт. Секогаш треба да се говори дека никакво насилство не може да се оправдува со религијата – истакна папата Фрањо.
Папата потсети и на говорот на папата Бенедикт XVI кој по повод 25 годишнината од средбата во Асизи рече дека треба да се искорени секој облик на насилство кое се оправдува со религијата и дека заедно треба да бдееме светот да не стане заробеник на насилството кое сака да го уништи секој цивилизациски напредок, кога се негира Бог.
Како одговорни, од разни религии, за мирот можеме многу да направиме. Сите сме одговорни за мирот. За мирот треба да се моли и да се работи. Верските водачи секогаш треба да бидат мирољубиви мажи и жени, бидејќи заповедта на мирот е длабоко впишана во верските традиции на религиите кои ги преставуваме – истакна Светиот Отец.
Војната може да се победи со дијалог. Дијалогот ги обединува лицата од разни генерации, кои често не се познаваат; ги обединува граѓаните припадници на различни етички групи и разни убедувања. Дијалогот е пат на мирот, бидејќи поттикнува договор, хармонија, слога и мир. Поради тоа е многу важно дијалогот да напредува, да се шири како мрежа која го заштитува светот, а посебно најслабите – рече папата Фрањо.
Завршувајќи го говорот Папата поттикна сите да бидат луѓе од дијалог, да бидат миротворци, а не посредници на мирот, бидејќи посредниците настојуваат да добијат корист за себе, миротворците се трошат великодушно, сѐ до изнемоштеност, само за да завладее мирот. Секој е повикан да гради мир, да обединува, а не да раздвојува, да ја отфрла омразата, да ги отвора патиштата за дијалог, а не да подигнува нови ѕидови – истакна Светиот Отец.
Треба да се разговара и да се сретнува како во реалност би се остварила културата на дијалог, култура на средба – рече Папата поттикнувајќи ги сите да молат за мир во Сирија, на Средниот Исток и за други земји, а потоа посака посветеноста за мир во светот да им даде надеж и на сите кои страдаат од војните, посебно најмладите, бидејќи се загрижени за иднината – рече папата Фрањо.
го*ко