Кардинал Паролин: Наоѓањето решение за војната во Украина е одговорност на сите

Кардинал Паролин: Наоѓањето решение за војната во Украина е одговорност на сите

Во видео пораката испратена по повод Конференцијата за мировен план одржана во Малта на 28 и 29 октомври, државниот секретар кардинал Паролин повтори дека оружјето не ги решава конфликтите; Светиот Престол повикува на почитување на меѓународното право, посебно во однос на територијалниот интегритет, и на хуманитарни акции насочени кон враќање на затворениците и децата во земјата

Потребен е поголем и покреативен ангажман, во спротивно целта за мир ќе остане далеку. Пред сè, насилството, смртта на невините и уништувањето на градовите и природната средина ќе продолжат да се множат. Државниот секретар кардинал Пјетро Паролин уште еднаш го додаде својот глас на безбројните интервенции на Папата, направени со „невидена упорност“, во корист на еден народ како Украина, кој папата Фрањо постојано го нарекува маченички. Овие зборови упатени од државниот секретар до меѓународната заедница се содржани во видео пораката упатена до претставниците на повеќе од 65 земји, присутни на Конференцијата за мировниот план иницирана од украинскиот претседател Зеленски, која се одржа на 28 и 29 октомври 2023 годиниа во Малта.

Непомирување со трагедијата

Самитот што се одржа во Малта – истакна кардиналот Паролин – е знак за пофалниот напор што е веќе покажан на неколку состаноци откако предлогот за состанокот во Малта беше презентиран на конференцијата Г20 во средината на ноември минатата година. Ова е охрабрувачки доказ за фактот дека вооружениот конфликт не се смета за неизбежно средство за решавање на конфликтот. Дека изнаоѓањето решение не е само одговорност на Украина, туку и заедничка одговорност на сите – според државниот секретар – покажува и фактот што нема резигнирано прифаќање на трагедијата.

Патишта за мир

Затоа, кардиналот поттикна уште поголем и покреативен ангажман на сите нивоа, со цел да се отворат патишта кои во моментов изгледаат неприфатливи или невозможни, и да се приклучи на она што многу меѓународни тела веќе го прават за да гарантираат дека Украина може да го брани интегритетот на својата територија, да обезбеди безбедност и животни потреби на своите граѓани и да го постигне толку посакуваниот мир. Светиот Престол, од своја страна – истакна кардиналот – бара почитување на меѓународното право, посебно во однос на територијалниот интегритет, покрај обезбедувањето поддршка за се што е поврзано со хуманитарни прашања како што се безбедноста на храната и зачувувањето на природната средина, а особено враќањето на затвореници и децата во Украина.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот