Папата Фрањо: Да се молиме за епископите и свештениците
Црквата не треба да се сфаќа како чисто човечка организација; разликата ја прави помазанието кое на епископите и на свештениците и дава сила на Светиот Дух да му служат на Божјот народ – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 27 јануари во капелата на домот Света Марта.
Коментирајќи го читањето од Втора книга Царства која говори за помазанието на цар Давид, Папата го објасни духовното значење на помазанието. Без тоа помазание, Давид би бил само водач, „една фирма“, една политичка заедница, какво што било Израелското царство; би бил само политички организатор. Напоротив после помазанието, на Давид слегува Духот Господов и останува на него. А Светото Писмо вели: “И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Савот беше со него“ (2Царства 5,10). Таа разлика ја прави помазанието. Помазаник е Божји избраник. Тоа се епископите и свештениците во Црквата – истакна Светиот Отец:
Епископите не се избрани само да се грижат за организацијата на одредена Црква, туку се и помазани и со нив е Духот Божји. Сите епископи се грешници, грешни сме сите, но и сме помазаници. Сите ние секојдневно сакаме да бидеме свети, верни на тоа помазание. А тоа што го прави Црквата; што во името на Исус Христос ги обединува е личноста на епископот, неговото помазание, а не изборот на мнозинството. Во неговото помазание е силата на месната Црква. И свештениците се помазуваат преку тоа соучество – рече папата Фрањо.
Памазанието на епископите и свештениците ги приближува до Господ и им поделува радост и сила за да водат, помагаат и да живеат во служба на народот. Им ја поделува радоста на избраник, миленик Божји; помилувани со љубов со која Господ сите нѐ чува. Така, кога размислуваме за епископите и свештениците треба да знаеме дека се помазани – рече папата Фрањо.
Инаку, Црквата не се сфаќа, всушност не може ниту да се објасни како може да оди напред, потпирајќи се само на човечка сила. Оваа епархија оди напред затоа што народот е свет, има сѐ, но и помазаник кој ја води, кој и помага да расте. Ова парохија оди напред затоа што има многу организации, многу повеќе, но има и свештеник, помазаник кој ја води. Ние познаваме само еден мал дел, но колку има свети епископи, колку свештеници, колку свети свештеници го жртвувале животот служејќи на епархијата, парохијата? Колку народот примал сила на верата, љубовта и надежта од тие незнајни парохиски свештеници? Ги има многу – истакна Светиот Отец.
Свети се и селски и градски парохиски свештеници – продолжи Папата – кој по своето помазание, на народот му дава сила, поучувајќи го, делејќи ги светите Тајни односно светоста. Но, оче, прочитав во еден весник дека епископот или некој свештеник направил така и така. Да и јас сум читал. Но, кажи ми пишуваат ли весниците за она што многу свештеници – бројни свештеници- го прават во многу градски и селски парохии; за нивните дела на милосрдие, за сѐ што прават за исправно да го водат народот? Не, за тоа не пишуваат; тоа не е вест – кажа Папата и додаде:
Секогаш е така: погласно е стеблото кое паѓа отколку целата шума која расте. Денес размислувајќи за Давидовото помазание, би било добро да размислуваме и за своите епископи и храбрите, светите, добрите и верните свештеници и да се молиме за нив. Благодарение на нив денес сме овде – заврши папата Фрањо.
РВ/Д.И.