За книгата на Папата „Божјата мака – надеж за тебе“

За книгата на Папата „Божјата мака – надеж за тебе“

Во книгата се собрани „најубавите текстови кои ги кажал папата Фрањо по повод славењето на пасхалното таинство и подготовката за Велигден.

Започнуваме со согледувањето дека зборот „надеж“ (сметајќи со неговите именски појави со сите падежи во еднина и множина, заедно со облиците од глаголот „се надева“) се наоѓа во Библијата речиси на 150 места. А за Библијата велиме кога сакаме нешто повеќе да кажеме за нејзнината содржина дека е Свето Писмо со Стар и Нов Завет кои прават една и неразделна целина. „Новиот завет се сокрива во Стариот Завет, а Стариот во Новиот се открива“, или кажано оригинално латински со зборовите на свети Августин: „Novum in Vetere latet, et in Novo Vetus patet.“

Еден од највпечатливите библиски цитати за надежта е оној од четвртата глава во Посланието до Римјаните каде свети Павле пишува: „Авраам, без никаква основа за надеж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: „Такво ќе биде твоето потомство.“ (Римјаните 4,18) Неколку редови подолу од ова реченица читаме:

„Затоа тоа му се прими како оправдание. Но, не само за него е напишано дека му се прими, туку и за нас: ќе ни се прими, ако веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса Христа, нашиот Господ, предаден за нашите гревови и воскреснат за наше оправдание.“ (Римјаните 4,22-25)

А во петтата глава од Посланието на свети Павле или според некои  мислења на свети Павле во Посланието до Евреите читаме дека Исус е „Зачетникот на вечното спасение“ кој е прогласен од „Бог Првосвештеник по чинот Мелхиседеков“ (Евреи 5,9-10) Потсетуваме дека Мелхиседек чие име значи „цар на праведноста“ бил цар на Салем (т.е. Ерусалим) и свештеник на Бог Севишниот. Како најскапоцени дарови Мелхиседек пред Авраам и неговите уморни воини изнесува леб и вино.

Лебот и виното го избрал Исус на Последната вечера за евхаристиска храна на вечниот живот. Со своето страдање и воскресение Христос Исус ни дава надеж преку која копнееме и од Бог очекуваме не само вечност во иднина, идна вечност, туку и еден вид на вечна иднина во која времето и натприродното отсуство на времето ќе се спои во блаженството на непосредна Божја близина и ненадминливата Негова љубов.

Во Книгата на папата Фрањо „Божјата мака – надеж за тебе“ поблиску одредена со поднасловот „Мисли, зборови и молитви за пасхалното таинство се собрани „најубавите текстови кои папата Фрањоги кажал по повод славењето на пасхалното таинство и подготовката за Велигден: темата страдање и смрт – Бог и човекот – за христијаните не запира на гробот, туку се отвора и нуди воскресение.

Книгата се состои во два дела. Во првиот дел кој се нарекува „Божјата мака“ станува збор за Страсната седмица, Цветници, пасхалното тродневие, Велики четрток, Велики петок, Велика сабота и неделата на Воскресението. Насловот на вториот дел е „Зборови на надеж за оној кој го живее секојдневниот крст“ на кој се додадени молитви на надеж за деновите на страдањето.

„Ако не веруваш во воскресението, каде е твојата надеж?“ прашува папата Фрањо и потоа вели: „Без таа вера во Исусовата смрт и воскресение нашата надеж ќе биде слаба, нема дури ниту да биде надеж, а токму смртта и воскресението се центарот на нашата надеж. Апостолот вели: Ако Христос не воскреснал залудна е верата ваша уште сте во гревовите. За жал често се правело обиди да се затемни верата во Исусовото воскресение дури и во некои верници се вовлечени сомнежи. Таа е како што велиме „млака“ површна вера; вера на која ѝ недостасува цврстина. И тоа заради површноста понекогаш заради рамнодушност, преокупираност со многу работи кои се сметаат за поважни од верата односно заради исклучиво земските сфаќања за животот. Но, токму воскресението ни ја отвора вечната надеж затоа што го отвора нашиот живот и животот на светот за Божјата вечна иднина полна со среќа, сигурноста дека злото, гревот, смртта можат да бидат победени. И тоа нè поттикнува да живееме со поголема доверба во секојдневните реалности, со нив да се соочуваме храбро и ангажирано. Христовото воскресение ги просветлува со ново светло секојдневните реалности. Христовото воскресение е нашата сила!“

Што значи воскресението за нашиот живот? И зошто без него залудна е нашата вера, прашува понатаму папата Фрањо и одговара:

„Таа почива на смртта и воскресението Христово токму како што куќата лежи на темелите: ако тие се отстранат, се руши целата куќа. Исус на крстот се принесе Самиот Себе земајќи ги на себе нашите гревови и слегнувајќи во бездната на смртта, а со воскресението ги победува, ги отстранува и ни отвора пат да може повторно да се родиме за нов живот.

На Генералната аудиенција на 3 април 2018 година папата Фрањо рече:

Божјото стрдање е надеж за нас, гаранција дека ќе ги изнесеме своите крстови на воскресното светло на победата на животот на смртта, доброто над злото, вистината над лагата, правдата над неправдата, радоста над тагата. Нема порадосни и посудбоносни вести од историската и надискоснката вистина дека Христос воскресна! Велигден е темелна, централна и врвна вистина на христијанската вера. Со Велигден го прославуваме Воскреснатиот, но и нашето совоскреснување со Него. Тој е темелот на нашата надеж во животот вечен, во вечната иднина на милосната Божја близина.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот