Не постои грев кој Бог не може да го прости

Светите Тајни се место на Божјата нежност кон луѓето, односно конкретен начин кој Бог го смислил за да нè прегрне не срамувајќи се од нас и нашите ограничување, рече папата Фрањо.

Исповедта не треба да биде некоја „тортура“ или мачно испитување, туку средба која ослободува и го покажува бескрајното Божјо милосрдие – истакна Папата зборувајќи на учесниците на курсот за светата Тајна Покора кој што го организира Апостолската пенитенцарија во Рим со накана младите свештеници да ги насочи во правилното делење на светата Тајна Покора. Папата потсети дека на денешен ден пред 57 години го прегрнал монашкиот живот, при што присутните го поздравија со громогласен аплауз.

Светите Тајни се место на Божјата нежност кон луѓето односно конкретен начин кој Бог го смислил за да „нè прегрне, не срамувајќи се од нас, ниту од нашите ограничувања.“ Исповедта посебно „многу ефикасно го прави присутно Божјото милосрдно лице.“ Никогаш не треба да се заборави, ниту како покорници, ниту како исповедници дека Бог може да го прости секој грев. Единствено тоа што е сокриено од Божјото милосрдие не може да биде простено – истакна папата Фрањо.

Зборувајќи пак за исповедта како за „чудесен Божји дар“, Папата на исповедниците им претстави три упатства: пред сè светата Тајна да ја негуваат во милосрдието, помагајќи им на верниците да „доживеат мир и човечко и христијанско разбирање.“ Исповедта не треба да биде „мачење“, од исповедилницата треба сите да излегуваат со среќни срца, озарени лица, а понекогаш облиени и со солзи радосници. Светата Тајна Исповед не е, ниту треба да биде мачно досадно и неметнато испитување – предупреди Папата.

Напротив – продолжи Светиот Отец – исповедта треба да биде средба која ослободува, исполнета со човечност која секогаш вклучува и правилен надомест за направеното зло, ако е можно. Верникот така ќе почувствува потреба често да се исповеда, а ќе научи добро да се исповедува со многу чувствителна душа, при што ќе направи добро „и на срцето на исповедникот.“ Милосрдието често се меша со исповедник со „широки ракави“ – рече Светиот Отец додавајќи дека не е ниту милосрден, ниту строг ниту исповедникот со „широки ракави.“

Ниту едниот, ниту другиот не е милосрден. Едниот кажи речи не гледа грев, а другиот пак е легалист и насекаде гледа грев. Тие во покорникот не гледаат брат, не го следат на патот на преобраќање. Напротив, милосрдниот исповедник грижливо го слуша покајникот, ги простува неговите гревови, го следи и бодри на патот на преобраќање. Го зема на своите рамења како Добриот Пастир кој ја бара изгубената овца и ја става на своите рамења – објасни Папата.

Зборувајќи пак за начинот на исповедување, Светиот Отец ги повика свештениците да се препуштат да ги поучи светата Тајна Помирување. Колку пати слушаме многу поучни исповеди: едноставни души, сиромашни во духот, кои целосно се предаваат на Господ, кои имаат доверба во Црквата, па и во свештениците? Во исповедта често слушаме за чудесни преобраќања. Луѓе кои со месеци и години не се исповедиле, кои долго живееле во грев, одлучиле како блудниот син да се вратат во домот на Отецот и да молат за прошка. Многу е убаво таквите покајници да се пречекаат со благословувачка прегратка на милосрдниот Бог, кој многу нè љуби и се весели на искреното преобраќање на своите деца – рече папата Фрањо.

Колку само можеме да научиме од своите браќа кои со својата исповед нè поттикнуваат на испит на совеста: дали го љубам Господ како што го љуби овој покајник? Дали јас сум служител на милосрдието, способен да бидам милосрден како овој покорник? Дали сум подготвен да го променам својот живот, да се преобратам како овој покајник на кој треба да му служам? – праша Папата.

Во третата насока за свештениците Папата ја истакна потребата во исповедилницата „погледот да биде насочен кон небото, кон натприродното“; свесни дека никој не е исповедник преку сопствена заслуга, туку преку Божјата милост. Благодарение на Божјото милосрдие ние сме службеници на милосрдието. Ако сме свесни на тоа тогаш ќе бидеме милосрдни со оние кои се исповедуваат. Слушањето на исповедувањето на гревовите истотака треба да биде натприродно односно да се почитува достоинството и историјата на секој покајник за да може да се сфати што Бог сака од него – рече Светиот Отец.

Црквата е повикана своите членови – свештениците, монасите и монахињите и лаиците – да ги упати во уметноста на страдањето, сите да научат пред туѓата „света земја“ секогаш да ги соблечат сандалите. И најголемиот грешник кој од Бог бара прошка е „света земја“, а јас кој во Божјо име треба да му простам можам од него потешко да погрешам. Секој верник кој пристапува на исповед е „света земја“ која треба грижливо, нежно и со пасторално внимание да се обработува – рече Папата.

Завршувајќи го наговорот Светиот Отец ги повика свештениците во ова време на пост великодушно да се посветат на исповедување за Божјиот народ со чисти душите да може да го пречекаат празникот Велигден, кој претставува конечна победа на божественото милосрдие над целото зло во светот.

РВ/Д.И.

Фотографија: Осерваторе Романо

Категорија: Ватикан

За авторот