Папата: Абортусот е напад врз животот

„Степенот на напредок на една цивилизација се мери преку нејзината способност да се грижи за животот, како на нероденото дете, така и на возрасниот, како на емигрантите, така и на гладниот или на работниците“, рече папата Фрањо пред учесниците на средбата во Ватикан, на иницијатива на „Наука и живот“, по повод десетгодишнината на асоцијацијата.

Во општество кое е обележано со негативната логика на вишокот, изјави папата Фрањо – „Христовата љубов нè упатува да им служиме на децата и постарите луѓе, на секој маж и жена, на кои треба да им се признае и заштити исконското право на живот“:

„Животот во својата неизмерна длабочина, кој дава почеток и го придружува патот на науката; чудото на животот, кое успева секогаш да предизвика некаква форма на научна хипотеза, давајќи предност на чудото и на убавината. Христос, кој е светлината на човекот и на светот, го осветлува патот на науката, за да биде секогаш спознанието во служба на животот. Кога оваа светлина ќе исчезне и кога науката заборава на врската со животот, станува бесплодна.“

„Науката да биде навистина во служба на човекот, а не човекот, во служба на науката“ повика папата Фрањо и истакна: „Секое праведно општество го признава како основно правото на живот, од создавањето до природниот крај“. Степенот на напредок на една цивилизација се мери токму преку нејзината способност да се грижи за животот, особено во неговите кревки и ранливи фази, а не се мери со технолошки алатки. „Папата ги наброја „нападите“ против светоста на човечкиот живот:

„Абортусот е напад врз животот. Посегање по животот е и кога ги оставиме да изумрат нашите браќа во чамците во преминот на Сицилија. Напад врз животот се и работните неправди, поради непочитување дури и на минималните услови за безбедност, напад врз животот е и смртта од неухранетост. Напад врз животот е и тероризмот, војната, насилството; но исто така – и евтаназијата. Да го сакаш животот, значи секогаш да се сеќаваш на ближниот, да го сакаш, да ја чуваш и почитуваш супериорноста на неговото достоинство“.

Папата Фрањо повика „да лансираме повторно обновена култура на живеење, која познава начини на изградба на мрежа на доверба и взаемност и која отвора хоризонти на мир, милосрдие и заедништво“:

„Не плашете се да започнете плоден дијалог со светот на науката, дури и со оние кои не ја исповедаат верата, но остануваат отворени пред мистеријата на човечкиот живот.“

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот