Објавен распоредот на Папата за литургиските славења до крајот на месец јануари

Објавен распоредот на Папата за литургиските славења до крајот на месец јануари

Канцеларијата за литургиски славења го објави распоредот на свечените литургии, кои ќе ги предводи Папата во наредните недели

Канцеларијата за литургиски славења на Ватикан го објави литургискиот распоред на Папата за остатокот од јануари и почетокот на февруари.

Во недела, на 22 јануари, третата недела во годината, папата Фрањо ќе служи света Литургија во базиликата Свети Петар по повод Неделата на Словото Божјо.

Во среда, на 25 јануари, Светиот Отец ќе го одбележи празникот на преобраќањето на свети апостол Павле со служење на Втора Вечерна за празникот во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините во Рим. Со празникот завршува Молитвената недела за христијанско единство, а на екуменската Вечерна во црквата Свети Павле ќе учествуваат и претставници на други христијански цркви и црковни заедници.

Литургиски славења за време на апостолското патување во Африка

На последниот ден од месецот папата Фрањо ќе го започне своето апостолско патување во Демократска Република Конго и Јужен Судан, кое ќе заврши на 5 февруари.

За време на патувањето, Папата ќе предводи голем број литургиски обреди

За време на патувањето, Папата ќе предводи голем број литургиски обреди, почнувајќи со Света Литургија, која ќе ја служи на аеродромот Ндоло во Киншаса на 1 февруари, на почетокот на неговиот прв целодневен престој во Конго.

Следниот ден, 2 февруари, Светиот Отец ќе учествува на молитвена средба со свештеници, ѓакони, семинаристи и монашки заедници во катедралата „ Notre Dame du Congo“.

По пристигнувањето во Јужен Судан, Папата на 4 февруари ќе учествува на екуменска молитва со надбискупот од Кантербери Џастин Велби и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска Џим Валас, што ќе се одржи во мавзолејот „Џон Гаранг“ во Џуба.

На денот на заминувањето, 5 февруари, пред прошталната церемонија и враќањето во Ватикан, папата Фрањо ќе служи света Литургија во споменатиот мавзолеј.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот