Бегалската криза во центарот на Молитвената осмина за единство на христијаните

Бегалската криза во центарот на Молитвената осмина за единство на христијаните

На 18 јануари започна Молитвената осмина за единство на христијаните, во рамките на која христијаните од различните Цркви се повикани на средба и заедничка молитва.

Овогодинешната тема „Ни укажаа необична човекољубивост“ (Дела 28,2) ја избраа претставниците на христијанските Цркви на Малта и островот Гоза, кои за таа прилика подготвија материјали. Избраната тема е всушност цитат од 28 глава од Делата на светите Апостоли, во кој се спомнува бродоломот на свети апостол Павле кој заедно со сопатниците доаѓа на брегот на Малта каде останува три месеци, пред да го продолжи патувањето кон Рим.

Бурата со која се соочил свети Павле и бродоломите во денешницата

Во објаснувањето на темата на почетокот на прирачникот кој го подготвија христијаните од Малта, стои како апостол Павле во спомнатиот извештај на Делата на светите Апостоли го претставува центарот на мирот во немирот. Имено, тој знае дека со неговиот живот не управуаат сили рамнодушни кон неговата судбина, туку се наоѓа во рацете на Бог на Кој му припаѓа и на Кој му служи. Денес многу луѓе се соочуваат со истите опасности во истото море. Истите места кои се спомнуваат во Светото Писмо се дел од приказните на денешните мигранти. Во разни делови на светот, многумина со соочуваат со исти опасни патувања, по копно и по море, во бегството од природните катастрофи, војните и сиромаштвото – пишува во прирачникот.

Текстот понатаму зборува за мигрантите кои се изложени на влијанијата, не само природни, туку и политички, економски и на човечките сили на рамнодушноста, видливи во делата на оние кои на очајните луѓе им продаваат места во чамците небезбедни за пловидба, потоа, во ставот на оние кои не сакаат да испратат бродови за спасување или кои ги одбиваат бродовите со мигранти. Затоа извештајот од Делата на светите Апостоли нè поттикнува да се запрашаме како христијани кои заедно се соочуваат со миграциската криза: Дали сме под влијание на силата на рамнодушноста или човечки прифаќаме, станувајќи така сведоци ан Божјата љубов кон секој човек? – стои во текстот со напомена дека гостољубивоста е неопходна доблест во потрага за единството меѓу христијаните.

Размислувањата за молитвената осмина се фокусирани на текстот од 27 и 28 глава од Делата на светите Апостоли, а секој ден е посветен на различна посебна тема: помирување, светлина, надеж, доверба, сила, гостољубивост, преобраќање и великодушност. Прирачникот за Молитвената осмина за единство на христијаните го подготви екуменската група „Христијаните на Малта заедно“, а ги одобри меѓународната комисија составена од претставници на Папскиот совет за промовирање на единство на христијаните и Екуменскиот совет на Цркви.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот