Папата Лав XIV упати молитва за прекин на насилството во Сомалија и повика на помош за населението погодено од тешката хуманитарна криза.
За време на неделната молитва „Ангел Господов“ на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV се осврна на тешката хуманитарна состојба во Сомалија.
„Со голема загриженост ја следам хуманитарната криза што се развива во делови од Сомалија, каде што насилството и екстремните временски појави дополнително ги влошуваат и онака тешките услови за живот на населението, особено на жените и децата“, рече Папата.
Светиот Отец изрази надеж дека меѓународната заедница ќе одговори великодушно, „за овие наши браќа и сестри да можат да ја добијат потребната помош“.
Во последните месеци, повеќе агенции на Обединетите нации значително ја намалија хуманитарната помош за африканската земја.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања соопшти дека е обезбедена само околу една третина од средствата потребни и за веќе намалениот буџет.
Светската програма за храна исто така ја намали помошта во храна. Во 2026 година, бројот на лица што добиваат помош се намалил од околу два милиони на приближно 600.000.
Врнежите во текот на 2026 година биле значително под просекот во целиот регион, поради што многу семејства биле принудени да ги преместуваат своите стада во потрага по вода.
Организацијата „Лекари без граници“ упати апел до донаторите за обновување и проширување на услугите за лекување неухранетост во рамките на примарната здравствена заштита во регионот Мудуг, каде што биле затворени повеќе од 70 здравствени установи.
Сомалија со децении се соочува со внатрешни конфликти, уште од падот на режимот на Мохамед Сиад Баре во 1991 година, додека екстремистички групи продолжуваат да имаат значително присуство во делови од руралните области.
Ватикан њуз/к.мк

