Папата за трагедијата на демографската „зима“

Папата за трагедијата на демографската „зима“

На празникот на Светото семејство, Светиот Отец им се обрати на сопружниците ширум светот по говорот и молитвата Ангел Господов, изразувајќи загриженост поради демографската „зима“, за која рече дека е против семејството, татковината и иднината.

Обраќајќи им се на сопружниците од целиот свет, папата Фрањо ја изрази својата близина и потсети на писмото, адресирано до сопружниците по повод Годината на семејството Amoris laetitia, во кое Светиот Отец се осврнува на посланието на сопружниците и семејствата и ги охрабрува да се соочат со тешкотиите, посебно во оние кои се поврзани со пандемијата.

Сакам тоа да биде мојот божиќен подарок за вас сопружниците: охрабрување, знак на близина и можност за размислување, рече Папата. Важно е да се размислува и да се доживее добрината и нежноста на Бога, кој со татковска рака ги води сопружниците на патот на доброто, истакна Папата.

Потсетувајќи дека се приближува Светската средба на семејствата, Светиот Отец повика на молитвена подготовка во епархиите заедно со другите семејства.

Демографска зима

Но, Папата изрази загриженост и кога е во прашање семејството – појавата на т.н демографска „зима“, која е забележана во Италија. Изгледа дека многумина ја изгубиле желбата за деца, многу парови претпочитаат да останат сами или со само едно дете. Размислете за ова, тоа е трагедија, рече Папата, повикувајќи да се направи сѐ што е можно за да се освестиме и да се бориме со таа демографска зима за која рече дека оди против нашите семејства и татковина, па дури и против нашата иднина.

Божиќни честитки

На крајот од своето обраќање, поздравувајќи ги поклониците, Светиот Отец рече дека се надева дека размислувањето за Детето Исус, срцето и центарот на Божиќните празници, ќе ги разбуди ставовите на братство и споделување во семејствата и заедниците. Тој се заблагодари за многуте божиќни честитки кои ги добил од целиот свет. За жал, не можам да одговорам на сите, но се молам за сите и особено ви благодарам за молитвите кои многумина од вас ги ветија, заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот