На светата Литургија за Фрањевската младинска средба „ во Асизи, папата Лав XIV ги охрабри младите да „ги надминат резигнацијата и стравот“ и да „пишуваат нови страници во историјата“.
Папата Лав XIV во четврток, 6 август 2026 година, служеше света Литургија за илјадниците млади од цела Европа, собрани во Асизи на фрањевската младинска средба.
За време на светата Литургија во базиликата „Света Марија на Ангелите“, Папата ги охрабри младите да одат „на перифериите“ на општеството, таму „каде што неправдата и ароганцијата на малкумина го негираат достоинството и соништата на многумина“.
„Повикани сме да го читаме Светото Писмо со Учителот“, рече папата Лав XIV, „за да го толкуваме нашето време и да донесуваме одлуки додека одиме по Неговите стапки. Тука сме за да ги надминеме резигнацијата и стравот, за да ги разрешиме сомнежите што нè спречуваат, како што ги спречувале и апостолите. Исус нè повикува на дијалог со Неговата приказна, за да можеме да напишеме нови страници во историјата“.
Асизи е место каде што „сè шепоти дека нашите животи можат да се преобразат, да ослободат светлина и да го поправат светот“, рече Папата. Тој ги потсети присутните дека токму тука, во Асизи, започнала „преобразбата на Фрањо, на Клара, а потоа и на илјадници други млади луѓе“.
Слушање и донесување одлуки
Папата Лав XIV ја започна својата проповед осврнувајќи се на празникот Преображение Господово, кој Црквата го слави на тој ден.
Исус, рече Папата, се „преобразил токму во разговор со Отецот, со оние што Му претходеле, Мојсеј и Илија, и со Своите современици, учениците“.
Црквата постои, продолжи Папата, „за да нè воведе во оваа динамика на слушање и одлучување, помагајќи ни да разбереме за кого да живееме и како да живееме“.
Црквата е „заедница во која учиме да го разликуваме Божјиот глас“, нагласи тој, „и да се осмелиме да ја покажеме онаа послушност кон Светиот Дух што ги направила храбри и креативни сите оние што се согласиле да Го следат Исус“.
Да се прегрне „сестрата Сиромаштија“
Иако изборот на свети Фрањо да се оддалечи од духот на светот бил револуционерен, изборот на света Клара бил „уште повпечатлив“, рече папата Лав XIV.
Како и Фрањо, Клара „сакала да живее во вистинска слобода“. А токму тоа, објасни Папата, е „енергијата“ на христијанството, „енергијата на почетоците и на многуте нови почетоци“.
„Затоа, драги млади, денес Европа и целиот свет очекуваат од вас нови светци: осмелете се да верувате во словото на Евангелието, станете целосно човечни преку слободата на Исус Христос и прегрнете ја сестра Сиромаштија!“
Папата истакна дека самиот наслов на средбата, „Оди!“, е мисија и испраќање.
„Тоа е испраќање по патишта за кои немаме мапи, бидејќи тие се отвораат додека го слушаме срцето, Му се покоруваме на Духот и Го следиме Воскреснатиот Господ таму каде што Тој избрал да оди пред нас“, рече тој.
Да се допре човечката беда
Сето ова, продолжи Папата, треба да се живее без да се држиме на растојание „од раните Господови“, како што предупредуваше папата Фрањо.
Повикувајќи се на Evangelii gaudium, тој потсети дека „Исус сака да ја допреме човечката беда, да го допреме страдалното тело на другите. Тој очекува да престанеме да бараме лични или заеднички засолништа што ни овозможуваат да се држиме далеку од центарот на човечкото страдање“.
Посветување на цивилизацијата на љубовта
Папата Лав XIV призна дека младите можеби нема секогаш да бидат разбрани, „дури ни од оние во сопствениот дом“, како што му се случило и на свети Фрањо.
Но, нагласи тој, „оддалечувањето од културата на моќта и уривањето на ѕидовите што ги делат луѓето никогаш не е предавство на семејството, градот или традицијата“.
Напротив, рече Папата, тоа нè ослободува „од нивните духови, од непријателите измислени од страв и незнаење, и од насилството што сака да наметне свој мал уреден поредок врз реалноста што од сите страни многу нè надминува“.
„Да се верува во Бога значи да се открие, како Фрањо и Клара, свет на браќа и сестри што треба да бидат почитувани и служени, а не искористувани и потчинувани“, рече Папата. „Не свет што треба да се брани, туку свет што треба да се прифати.“
Ватикан њуз/к.мк

