Папата Фрањо: Да поддржиме општество наколонето на семејството

Папата Фрањо: Да поддржиме општество наколонето на семејството

Примајќи ги во аудиенција членовите на Генералното собрание на Папската академија за општествени науки, Папата зборуваше за слабостите во семејствата и за дарот на бесплатноста на кое се способни; кога една цивилизација ќе го искорени тој дар од својата земја, нејзиното распаѓање станува незапирливо.

Семејството е релациско добро, но и извор на многу добра и односи за заедницата – рече папата Фрањо, обраќајќи им се на членовите на Папската академија за општествени науки, која ја прими во петок 29 април 2022 година по повод нивната пленарна седница. Општествените промени кои ги менуваат условите за живеење на бракот и семејствата ширум светот, како и актуелната долготрајна и повеќекратна криза која ги става на тест проектите на стабилните и среќни семејства, се предизвици кои можат да се решат со повторно откривање на вредностите на семејството како извор на општественото уредување, како важна клетка на братското општество способни да се грижат за заедничкиот дом – рече Папата.

Семејство е впишано во природата на жената и мажот

Семејството речиси секогаш е на врвот на листата на вредности на различните народи, бидејќи тоа е впишано во самата природа на жените и мажите – истакна Светиот Отец и додаде: Во оваа смисла, бракот и семејството не се исклучиво човечки институции и покрај многуте промени низ вековите, како и духовните разлики меѓу различните народи.

Сепак, постои опасност оваа вредност да се живее индивидуалистички и приватно, како што, според Папата, делумно се случува на Запад. Тогаш семејството може да биде изолирано и фрагментирано во контекст на општеството. Така, се губат општествените функции кои семејството ги извршува меѓу поединците и во заедницата, особено во однос на најслабите.

Врска заснована на взаемна љубов

Затоа потребно е да се сфати дека семејството е добро за општеството, не како едноставно здружување на поединци, туку како однос заснован на „врска на меѓусебно совршенство“, да го употребиме изразот на свети Павле (сп. Кол 3,12 -14) – рече Папата и објасни: Имено, човекот е создаден по образ и подобие на Бога кој е љубов (сп. 1 Иван 4, 8;16). Заемната љубов меѓу мажот и жената е одраз на апсолутната и доверлива љубов со која Бог го љуби човекот, предодреден да биде плоден и реализиран во заедничката работа на општествениот поредок и зачувувањето на созданието.

Семејството е релациска врска на совршенство составена од споделување на однос на верна љубов, доверба, соработка и реципроцитет, од кои произлегува благосостојбата на поединечните членови на семејството, а со тоа и нивната среќа. Вака сфатено, семејството, кое само по себе е релациско добро, исто така станува извор на многу добра и односи за заедницата, како што се добрите односи со државата и другите општествени здруженија, солидарноста меѓу семејствата, прифаќањето на оние кои се во тешкотии, внимание кон последните или спротивставување на процесите на осиромашување.

Семејството – место за прием

Папата Фрањо потоа ја истакна хуманизацијата на личностите во семејството, преку односот „ние“, притоа промовирајќи ги легитимните разлики на сите и предупреди дека тоа е важно за да се разбере што е тоа семејство, дека тоа не е само здружување на личности.

Посочувајќи го семејството како место за прием, папата Фрањо ги спомена семејствата во кои членовите се слаби, болни или инвалиди, семејствата посвоители и згрижувачи и оние кои се грижат за мигрантите и маргинализираните луѓе. Тој потсети дека семејството е главниот противотров на сиромаштијата, на проблемот со актуелната демографска зима, реалност која е – како што рече – е многу сериозен проблем, особено во Италија, за неодговорното мајчинство и татковство, што е и многу сериозна работа која треба да се земе предвид како тоа не би се случило.

Политики наклонети на семејствата

Сепак, на семејствата им е потребна помош. Можно е општество кое е „пријател на семејството – истакна Папата. Неопходно е да се промовираат социјални, економски и културни политики погодни за семејството во сите земји, кои се – како што рече – „пријатели на семејството“. Тоа се, на пример, политики кои овозможуваат усогласување на семејството и работата; фискални политики кои ги препознаваат семејните оптоварувања и ги поддржуваат образовните функции на семејството со усвојување соодветни инструменти за даночна правичност; политики за прифаќање на животот; и социјални, психолошки и здравствени услуги насочени кон поддршка на брачните и родителските односи.

Семејство – расадник на бесплатност

Кога една цивилизација ќе го искорени стеблото на „бесплатноста“ од својата земја, нејзиното пропаѓање станува незапирливо – рече Папата и истакна: Семејството е главниот садител на стеблото на бесплатноста. Затоа е неопходно повторно да се открие убавината на семејството, но за тоа се потребни некои услови. „Катарактата“ на идеологиите што не спречуваат да ја видиме реалноста мора прво да се отстрани од очите на умот. Тоа е педагогијата на внатрешниот учител – онаа на Сократ и Свети Августин – а не онаа која едноставно бара согласност.

Вториот услов е повторно откривање на взаемноста помеѓу природниот брак и светотаинскиот брак. Рздвоеноста меѓу нив, имено завршува од една страна со тоа што нè наведува да размислуваме за сакраменталноста како нешто додадено, надворешно, а од друга страна, институцијата семејството може да биде препуштена на тиранијата на неприродното. Третиот услов, како што потсетува апостолскиот поттик „Amoris laetitia“, е свесноста дека благодатта на светата тајна брак го лекува и воздигнува целото човечко општество и дека тоа е квасецот на братството – истакна Светиот Отец.

Доверувајќи им ги овие размислувања на учесниците на Генералното собрание на Папската академија за општествени науки, Папата на крајот повторно ја пофали нивната работа и им се заблагодари и ги благослови од сѐ срце.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот