Папата повика на прекин на огнот во Газа: Се убива иднината на децата

Папата повика на прекин на огнот во Газа: Се убива иднината на децата

По молитвата Ангел Господов, Папата упати апел за мир поради сериозната ситуација во Израел и Палестина. Нека се направи сѐ за да се избегне ширење на конфликтот, беше неговото барање, насочувајќи ги мислите кон најмалите, жртвите и во Украина и во сите војни во светот. Тој ги спомена и жртвите од земјотресот во Непал, авганистанските бегалци во Пакистан и сите погодени од невремето во Италија.

Ве молам престанете, во името на Бога: прекинете на огнот! – е апелот на папата Фрањо, кој го упати по молитвата Ангел Господов во недела на 5 ноември 2023 година, поради – како што рече – сериозната состојба во Палестина и Израел, каде што многу луѓе ги загубија животите. Папата се надева дека ќе се искористат сите патишта за да се избегне ширење на конфликтот, дека ќе биде можно да се помогне на ранетите и дека помошта ќе пристигне до жителите на Газа, каде што хуманитарната ситуација е многу сериозна.

Сила да се каже „доста е“ за да се заштитат децата

Папата ги посвети своите мисли најмногу на децата, оние кои се уште ги држи Хамас во заложништво – да се вратат кај своите семејства, посака Папата – и оние кои се вклучени во сите трагични аспекти на ова, како и во другите конфликти во светот.

Да, мислиме на децата, на сите деца кои се вклучени во таа војна, како и во Украина и други конфликти: така се убива нивната иднина. Да молиме за сила да кажеме „доста е“.

Непал и авганистанските бегалци во Пакистан

Светиот Отец ја изрази својата близина и со народот на Непал, каде во петокот во земјотресот што го погоди северозападниот дел на земјата загинаа повеќе од педесет луѓе, а илјадници останаа без покрив над главата. Покрај тоа, тој ја изрази својата близина со авганистанските бегалци кои најдоа засолниште во Пакистан, но сега не знаат каде да одат. Владата во Исламабад, всушност, им нареди на 1,7 милиони Авганистанци кои илегално живеат во Пакистан да ја напуштат земјата, за да не бидат уапсени и сместени во центри изградени од владата.

Молитва за настраданите од поплавите во Италија

На крајот, папата Фрањо се помоли за жртвите од невремето и поплавите во Италија и другите земји. Тоскана е најпогодениот регион, со седум загинати во невремето, речиси четири илјади спасувачки операции и 16 илјади корисници без струја.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот