Папата Фрањо: Да одвоиме време да молиме за мир, од Украина до Блискиот Исток

Папата Фрањо: Да одвоиме време да молиме за мир, од Украина до Блискиот Исток

Папата Фрањо ги повика верниците на крајот од редовната Генерална аудиенција на плоштадот Свети Петар секојдневно да се молат за мир за народите во земјите каде што беснеат војни низ светот.

На крајот од редовната Генерална аудиенција во среда, 15 ноември 2023 година на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо ги фокусираше своите мисли на бројните народи кои ги трпат последиците од трагедиите на војните. Тој апелираше секојдневно да одвоиме време за да молиме за мир, од Украина до Блискиот Исток.

Напатената Украина

Светиот Отец поттикна на молитва за напатената Украина, која многу страда. Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, повеќе од 9.600 луѓе се убиени, а повеќе од 17.500 се повредени.

Мир во Светата Земја

Папата Фрањо упати и апел за молитва за Светата Земја, за народите на Палестина и Израел. На 7 октомври годинава во нападите што ги изврши Хамас се убиени 1.200 Израелци. Оттогаш, како одмазда во нападите врз Појасот Газа, загинаа повеќе од 11.000 луѓе, а околу 2.500 луѓе се водат како исчезнати под урнатините.

Никогаш да не го заборавиме Судан

Понатаму, Светиот Отец ги насочи своите мисли кон Судан, каде што се проценува дека се убиени околу 9.000 луѓе, а уште 5,6 милиони се принудени да ги напуштат своите домови поради разорната војна што избувна во април оваа година меѓу две ривалски воени фракции. Граѓанската војна во Судан е опишана како хуманитарна катастрофа со видливи знаци на етничко чистење.

Молете се за мир: Одвојте време секој ден да се молите за мир. Сакаме мир! – рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот