Папата Фрањо: Да го следиме Исус без суета, копнеж за власт или за пари

 Во Црквата има луѓе кои го следат Исус заради суета, желба за власт или поради пари. Нека Бог ни даде милост да го следиме од љубов, молеше папата Фрањо на светата Литургија на 5 мај во капелата на домот Света Марта.

Зборувајќи за делот од Евангелието во кое Исус го укорува народот кој го бара, бидејќи се наситил од лебот и рибата, Папата рече дека треба да се запрашаме да не го следиме Исус од користољубие. Грешници сме, затоа во наследувањето на Исуса секогаш треба по нешто да отстрануваме; да се трудиме да го наследуваме од љубов. Папата наведе некои однесувања кои не се добри во наследувањето на Исус и во барањето на Бог. Тоа во прв ред е суетата, најмногу се забележува кај оние кои делат милостиња или постат само за да ги видат – рече Светиот Отец.

Тие управители сакале да ги видат, им се допаѓало – како што обично се вели – се перчат како пауните. Така се однесувале. А Исус вели: Не, не, суетата не прави добро. И ние понекогаш правиме нешто за да се покажеме, следејќи ја суетата. Суетата е опасна затоа што води во горделивост. А јас се прашувам: како јас го следам Исуса? Правам ли добро скришно или само за да се покажам? – праша папата Фрањо.

Зборувајќи за свештениците пастири, Папата рече дека суетен пастир не прави добро на Божјиот народ: може да биде свештеник и епископ, но не го следи Исус ако му се допаѓа испразноста – рече Папата додавајќи дека Исус ги укорува оние кои се жедни за власт. Некои го следат Исус, но не целосно свесно, бидејќи всушност бараат власт, нели? – рече Папата додавајќи:

Силен е примерот на Иван и Јаков, Заведеевите синови кои го молат Исус во Божјото царство едниот да биде министер, а другиот заменик министер. И во Црквата има лакташи и алпинисти! Ги има многу на кои Црквата им служи за да се докопаат до власт. Меѓутоа ако ти се допаѓа качувањето тогаш тргни на Север и занимавај се со планинарење: тоа ти е поздраво! Немој да доаѓаш во Црквата да се воздигнуваш. Исус ги прекорува оние кои тежнеат за власт – заклучи Светиот Отец.

После слегувањето на Светиот Дух учениците се променија. Меѓутоа гревот не исчезна од нашиот живот и затоа би било добро да прашаме: Како го наследувам Исус; поради Него самиот, сè до крстот, или барам власт, па се служам со Црквата, со заедницата, со парохијата и епархијата за да се докопам до власт? – забележа Папата додавајќи дека од вистинскиот пат оттргнуваат и парите.

Оние кои поради пари одат по Исус, настојуваат да ја искористат парохијата, епархијата, христијанската заедница, болницата или колегиумот… Во првата христијанска заедница било истото искушение: Симеон, Ананија, Сапфира… Тоа искушение е присутно од самите почетоци на заедницата, а сите познаваме наводно „добри католици“, пријатели и добротвори на Црквата, некои дури и со црковни одлики… А потоа се открива што сè направиле: само парите ги интересирале, забележа Папата додавајќи: Се претставувале како добротвори на Црквата, а биле вистински шпекуланти, се збогатиле на сметка на Црквата; земале големи пари и не секогаш чисти.

Завршувајќи ја проповедта, Папата повика да го молиме Господ да ни го подели Светиот Дух да можеме непорочни да одиме по Него; само Него да Го следиме, без суета, копнеж за власт или за пари – заклучи папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот