Папата Фрањо: Гревот го прави човекот постар, Светиот Дух го подмладува

Папата Фрањо: Гревот го прави човекот постар, Светиот Дух го подмладува

Тагата не е христијанско однесување. Иако во животот има многу тешкотии, можно е да се надминат и да се оди напред. За тоа е потребен секојдневен дијалог со Светиот Дух, кој не придружува.

Гревот го прави човекот постар, Светиот Дух секогаш нѐ прави помлади – рече папата Фрањо во вторник 28 мај 2019 година на Литургијата во домот Света Марта и истакна: Светиот Дух е протагонист на евангелието од денешната Литургија. Имено, во прошталниот говор до учениците, пред да се вознесе на небото, Исус ни дава вистинска катехеза за Светиот Дух, ни објаснува кој е Тој. Учениците се тажни кога слушаат дека нивниот Учител наскоро ќе ги напушти, а Исус ги прекорува заради тоа, затоа што „тагата не е христијанско однесување“. Но како е можно да не се биде тажен?

Против тагата го молиме Господ во нас да ја задржи обновената младост на духот. Тоа е подрачјето на Светиот Дух, затоа што Тој е оној кој дава во нас да има младост, која секогаш нѐ обновува – рече папата Фрањо и напомена: Христијанинот кој е тажен, е тажен христијанин и тоа не е добро. Светиот Дух е тој кој ни дава сила да носиме крстови. Примерот на Павле и Сила, за кои се зборува во првото читање од денешната Литургија покажува како во синџири пеат пофални песни на Бог. Светиот Дух сѐ обновува, Тој е оној кој нѐ придружува во животот и ни помага. Тој е Параклит, односно Утешител и Бранител.

Зборот „параклит“ значи оној кој е ‘покрај нас’ за да ни помага како не би паднале, да одиме напред и да ја сочуваме младоста на Духот – рече Светиот Отец и продолжи: Христијанинот секогаш е млад. Кога срцето на христијанинот започнува да старее, неговиот христијански повик започнува да се намалува. Или сте млади со срцето и душата, или не сте во потполност христијанин. Во животот има болки; Павле и Сила биле претепани и трпеле, но биле полни со радост и му пееле на Бог. Тоа е младоста која ни дава секогаш одново да ја видиме надежта и нѐ поттикнува да одиме понатаму.

Но за да ја имаме таа младост потребен е секојдневен дијалог со Светиот Дух, кој секогаш е со нас – рече папата Фрањо и додаде: Тоа е голем дар, кој ни го остави Исус. Тоа е помошта која ни дава сила да одиме напред. Па и ако сме грешници, Светиот Дух ни помага да се каеме и да гледаме напред. Разговарајте со Светиот Дух, Тој ќе ви помогне и повторно ќе и ја даде младоста. Меѓутоа гревот го прави човекот постар, прави неговата душа да старее и сѐ друго.

Таа паганска тага никогаш не смее да нѐ освои. Во животот постојат тешки моменти, во тие моменти се чувствува дека Духот ни помага да одиме напред и да ги надминеме тешкотиите, па и да поднесеме мачеништво. Да го молиме Господ да не ја изгубиме таа обновена младост, да не бидеме христијани во пензија, кој ја изгубиле радоста и не дозволуваат да ги води напред. Христијанинот никогаш не оди во пензија, ако е вистински христијанин, тој живее затоа што е млад – рече на крајот од својата проповед папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот