Папата Лав XIV се помоли за жртвите од терористичките напади на 11 септември и упати нов апел за мир во светот погоден од конфликти и насилство.
„Пред два дена беше одбележана дваесет и петтата годишнина од терористичките напади на 11 септември во Соединетите Американски Држави“, рече папата Лав XIV, обраќајќи им се на верниците по молитвата Ангел Господов во недела, 13 септември 2026 година.
Во координираните терористички напади врз Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија животот го загубија речиси 3.000 луѓе, а стотици други починаа во следните години од болести поврзани со последиците од нападите.
Папата истакна дека ги обновува своите молитви „за оние кои ги загубија своите животи и за оние кои продолжуваат да ги носат раните од тој трагичен ден“.
Апел за мир во светот
Осврнувајќи се на актуелните конфликти и насилството во светот, Светиот Отец ги повика верниците на молитва.
„Во време кога конфликтите и насилството погодуваат толку многу наши браќа и сестри, ги повикувам сите да се молат Господ да му го дарува на светот својот дар на мир“, рече Папата.
Тој нагласи дека трагедијата од пред дваесет и пет години треба да биде поттик за обновување на посветеноста кон мирот.
„Нека овој трагичен настан нè поттикне да ја обновиме нашата посветеност на мирот, пред сè преку молитвата, која ја доверуваме на застапништвото на Дева Марија“, порача папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

