Дикастеријата за промоција на интегрален човечки развој и Дикастеријата за мирјани, семејство и живот објавија документ со наслов „Интегрална екологија во животот на семејството“, во кој се нудат насоки за семејствата поврзани со грижата за созданието и човечкиот живот.
Ватикан објави документ посветен на живот со грижата за созданието и човечкиот живот во рамките на семејството, насловен „Интегрална екологија во животот на семејството“.
Објавен во понеделник, 27 април 20226 година, текстот претставува одговор на повиците на папата Фрањо и папата Лав XIV да се слушне плачот на сиромашните и на Земјата и да се понуди конкретен одговор, се наведува во соопштението за медиумите.
Документот се темели врз принципите на постсинодалниот Апостолски поттик Amoris Laetitia и учењето на енцикликата Laudato si’.
Текстот е резултат на заедничка работа на Дикастеријата за промоција на интегрален човечки развој и Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, со директно учество на теолози, консултанти и брачни парови.
Семејствата како темел на општеството
„Семејните вредности се плодна почва од која расте целото општество. За правилно да се грижиме за нашиот заеднички дом и за сите луѓе, семејствата треба да бидат пример“, напишаа префектите на двете дикастерии, кардиналот Мајкл Черни и кардиналот Кевин Фарел.
„Многу семејства покажуваат грижа за заедничкиот дом и за другите, а нивната мисла е насочена кон надежта која е Исус Христос. Семејните вредности се постојани и основни за грижата за нашиот заеднички дом и за ближните“, додаваат тие.
„Кои се вредностите на семејството? Членовите на семејството учат несебичност, трпение и посветеност, отвореност и заштита на животот, комплементарност и заемност, меѓугенерациски врски и солидарност со други семејства, како и пренесување на знаење и традиции.“
Насоки и предлози
Документот нуди конкретни насоки за семејствата, црковните заедници и поединците, со цел да се одговори на современите еколошки предизвици и да се промовира интегрален развој на човекот.
Првиот дел ги претставува основните поими, засновани на најзначајните текстови на папата Фрањо, додека вториот дел, кој е средиштето на документот, содржи тематски поглавја што ги следат седумте цели на Laudato si’.
Меѓу нив се: слушање на плачот на Земјата, слушање на плачот на сиромашните и ранливите, промовирање на еколошка економија, усвојување еколошки начин на живот, интегрална екологија и образование, еколошка духовност во семејството и учество на семејствата во животот на заедницата.
Секое поглавје е поделено на четири дела: објаснување на темата, нејзините последици, прашања за размислување и дискусија, како и предлог-активности.
Во соопштението се нагласува дека, иако документот е наменет за семејствата, тој може да биде корисен за сите, бидејќи грижата за созданието и унапредувањето на човечкото достоинство се однесуваат на секој човек.
Семејствата, како основен елемент на општеството, можат да станат двигател на оваа голема културна промена.
Документот „Интегрална екологија во животот на семејството“ е достапен бесплатно на пет јазици на официјалните интернет-страници на двете дикастерии.
Ватикан њуз/к.мк

