Папата на светата Литургија во Париз: Бог ја гаси жедта во секое човечко срце

Папата на светата Литургија во Париз: Бог ја гаси жедта во секое човечко срце

За време на светата Литургија на Плоштадот Конкорд во Париз, папата Лав XIV размислуваше за длабоката жед за Бога што живее во секое човечко срце и потсети дека единствено Христос може целосно да ја задоволи.

Исус Христос е изворот на живата вода што ја гаси нашата жед, рече папата Лав XIV во својата проповед за време на светата Литургија на вториот ден од неговото апостолско патување во Франција.

Обраќајќи им се на околу 800.000 луѓе собрани на Плоштадот Конкорд, во срцето на Париз, Папата рече дека „желбата за Бога живее длабоко во нашите срца“.

„И токму Исус Христос, преку Своето Воплотување, доаѓа да се сретне со секој човек во неговата лична историја и се открива како вистински извор на жива вода, способен да ја задоволи нашата жед“, рече Светиот Отец.

Исус им носи мир на нашите немирни срца

Папата својата проповед ја темелеше врз читањата за света Литургија во чест на Пресвета Дева Марија, Извор на спасението, во кои постојано се појавува сликата на живата вода.

Водата што тече од Храмот во видението на пророкот Езекиел во Евангелието според Иван добива свое исполнување во водата што тече од прободената страна на Христос, преку која ни се дарува нов живот како Божји деца.

Следејќи ја мислата на свети Августин, папата Лав XIV рече дека Исус Христос е Оној што им дарува среќа и мир на нашите немирни срца и ни ја открива безусловната љубов што Бог ја има кон секој човек.

„Гледајќи ве собрани овде, наследници на долгата и прекрасна историја на верата во Франција, ви велам: пијте од изворот што е прободеното Срце Исусово“, рече Папата.

Само Христос, продолжи тој, може да ја задоволи нашата жед „за Бога, за живот, за вистина, за единство, за мир, за заедништво и за среќа“.

Верата не треба да се чува само за себе

Светиот Отец ги повика француските католици да не ја задржуваат верата во Исус само за себе, туку да ја споделуваат со луѓето што ги среќаваат, за и тие да можат „да бидат освежени и наситени“.

Папата потсети на долгата низа француски сведоци на верата, меѓу кои свети Иринеј, свети Мартин и свети Фрањо Салески, како и на многуте луѓе кои и денес се посветуваат на заштитата на животот, семејството, вистината, мирот, братството и правдата.

„Усрдно се молам од Париз живата вода на Светиот Дух да тече низ цела Франција“, рече папата Лав XIV.

Тој упати и посебна благодарност до семејствата, младите, катехумените и новокрстените христијани за нивното сведоштво на верата во општество кое станува сè посекуларизирано.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот