Да го молиме Господ за светло за да можеме добро да знаеме што се случува во нас – рече папата Фрањо во петок 25 октомври 2019 година за време на светата Литургија во капелата на Домот Света Марта, осврнувајќи се на првото читање од посланието на светиот апостол Павле до Римјаните.
Осврнувајќи се на внатрешната борба на апостол Павле кој сака да прави добро но согледува дека не е способен да го оствари тоа и затоа во себе чувствува вистинска борба. Папата рече дека некој би можел да праша: Дали свети Павле е во пеколот, ако го прави злото кое не го сака, дали е поразен? Не, тој е свет, и светците во себе ја чувствуваат таа борба. Тоа е закон на секојдневната борба, која важи за сите.
Станува збор за борба меѓу доброто и злото, не за апстрактно добро и зло, туку за добро на кое нѐ поттикнува Светиот Дух и зло на кое нѐ поттикнува лошиот дух – рече Светиот Отец и напомена: Тоа е борба на сите нас. Кога некој од нас би кажал: Но јас тоа не го чувствувам, блажен сум, живеам во мир и не го чувствувам тоа, би му кажал дека не е блажен, туку умртвен и дека не разбира што се случува. Во таа постојана борба, можеби денес сме победиле, но утре доаѓа друга, а задутре повторно нова борба и така до крај.
И мачениците морале да се борат сѐ до крај за да би ја зачувале верата. Исто така и светците како Мала Тереза од Детето Исус чија што најтешка борба била на крајот, на смртната постела, затоа што чувствувала дека злиот дух сака да ја оттргне од Господ – рече папата Фрањо и истакна: Постојат посебни моменти како и оние секојдневните. Во Евангелието според Лука од денешната Литургија, Исус му вели на мноштвото, а истовремено и на сите нас: Лицето на небото и земјата умеете да го распознавате, а ова време како не го познавате?
Ние христијаните, често сме презафатени со многу работи, па и оние добрите. Но што се случува во нас? Кој нѐ поттикнува на тоа? Какви се нашите духовни склоности кон тоа? Кој нѐ поттикнува тоа да го правиме? – праша Папата и објасни: Нашиот живот обично е како живот на пат, одиме по патот на животот и гледаме само она што нѐ интересира, другото не го гледаме. Борбата секогаш е помеѓу милоста и гревот, помеѓу Господ кој сака да нѐ спаси и извлече од напаста и лошиот дух, кој секогаш не искушува како би нѐ победил.
Да се прашаме дали секој од нас е личност на патот кој доаѓа и заминува, а да не е свесна што се случува, и дали нашите одлуки доаѓаат од Господ или од нашата себичност, односно од ѓаволот. Важно е да се знае што се случува во нас и да се негува внатрешниот живот, и да не се дозволи нашата душа да биде пат низ кој сите поминуваат. Пред да заврши денот, одвојте две три минути и прашајте се што важно се случило денес во вас? Можеби имало омраза, оговарање, можеби сте направиле некое дело на милосрдие? Кој ви помогнал во злото или во доброто? Мораме да се прашаме за тие работи за да дознаеме што се случува во нас. Понекогаш, благодарејќи на својата брблива душа знаеме што се случува таму каде што живееме и во куќата на нашите соседи, но не знаеме што се случува во нас -рече на крајот Папата.
Ватикан њуз/к.мк