Генерална аудиенциjа: Светскиот ден на младите во Португалија беше „средба со Христос“

Генерална аудиенциjа: Светскиот ден на младите во Португалија беше „средба со Христос“

По традиционалната јулска пауза, папата Фрањо продолжи со Генералната аудиенција во среда и зборуваше за завршеното Аапостолско патување во Португалија за Светскиот ден на млади во Лисабон, истакнувајќи го како момент на средба со Христос, откривање на верата и искуство на Божјата љубов.

Овој Светски ден на млади во Лисабон, кој се одржа по времето на пандемијата, сите го гледаа како дар од Бога што ги пренасочи срцата и чекорите на младите луѓе, многу млади луѓе од сите делови на светот – толку многу! – кои појдоа да се сретнат еден со друг и да го запознаат Исус.

Така се осврна папата Фрањо за завршеното Апостолско патување во Лисабон, по повод 37. Светски ден на млади.

Во средата наутро, на 9 август 2023 година, Генералната аудиенција се одржа во салата Павле VI во Ватикан, прва по традиционалната јулска пауза.

Светиот Отец зборуваше за неговата Апостолска посета и големите плодови што ги донесе патувањето.

Светскиот ден на младите во Лисабон, кој дојде по пандемијата, сите го гледаа како дар од Бога кој секогаш отвора нови хоризонти.

Бог е Отец и ги љуби сите свои деца

Светскиот ден на млади, истакна Римскиот бискуп, е средба со живиот Христос преку Црквата, средба која поттикнува раст на верата и каде многумина го откриваат Божјиот повик: на брак, на посветен живот, на свештенство.

За секој поединец, рече папата Фрањо, радост е откритието дека по благодат сме повикани да бидеме дел од Божјиот народ, поинаков народ, кој нема територија, нема јазик, нема националност, но е испратен да навести на сите народи за радосното Христово Евангелие: дека Бог е Отец и дека ги љуби сите свои деца.

На посебен начин се присети на присуството на Пресвета Богородица во последните денови, но и низ историјата.

Посебно се осврна на неговата молитва во Фатима за мир во светот.

Марија е мајка на сите нас; таа никогаш не не остава да чекаме, истакна Светиот Отец.

Папата потоа рече дека се молел на местото на објавувањата заедно со неколку болни млади луѓе за да го излечи Бог светот од болестите на душата: горделивост, лага, непријателство, насилство. Тоа се болести на душата и светот страда од овие болести, истакна Папата.

Го обновивме нашето посветување, на Европа и на светот, на Срцето на Марија, на Безгрешното Срце на Марија. Се молев за мир, бидејќи има многу, многу војни во сите делови на светот.

Средба со Христос

Папата ја пофали верата и ентузијазмот на младите, посебно истакна дека младите од Украина со себе носат многу тажни и болни приказни, искуства кои се сосема поинакви од другите ходочасници.

Светиот Отец сугерира дека и тие, како и многу други млади, се присутни на Светскиот ден на млади за да се сретнат со Христос.

Додека во Украина и во другите делови на светот се водат борби и додека во некои скриени сали се планира војна, Светскиот ден на младите им покажа на сите дека е можен поинаков свет, рече Папата, додавајќи: свет на браќа и сестри, каде знамињата на сите народи се веат заедно, рамо до рамо, без омраза, без страв, без затворање, без оружје!

Пораката на младите беше јасна: дали ќе ја слушнат „великаните на светот“? Тоа е парабола за нашето време, а Исус и денес вели: „Кој има уши, нека чуе! Кој има очи нека види!“ Се надевам дека целиот свет ќе го слушне повикот од овој Ден на млади и ќе ја види убавината на младите луѓе на нивниот пат кон напред.

Богородица нека ги благослови младите

Светиот Отец изрази благодарност до Португалија, Лисабон, претседателот на Републиката кој беше присутен на сите прослави, како и други претставници на државните органи; потоа на Лисабонскиот патријарх – кој беше многу добар! – до претседателот на Бискупската конференција и бискупскиот координатор на Светскиот ден на млади, до сите соработници и волонтери. Папата истакна дека пред неговото заминување се сретнал со околу 25 илјади волонтери.

Се заблагодари на сите и ги поздрави младите кои дури од Лисабон допатуваа до Рим за да бидат присутни на Генералната аудиенција.

На крајот, Светиот Отец се помоли Пресвета Богородица да ги благослови младите во светот и целиот португалски народ, и го упати својот апостолскиот благослов до присутните .

Посетата на Светиот Отец на Португалија е првото од трите Апостолски патувања кои се предвидени за август и септември оваа година. Од 31 август до 4 септември Светиот Отец ќе ја посети Монголија, со што ќе биде првиот Папа што ја посетил оваа земја. Подоцна во септември, Папата ќе помине два дена во Марсеј, Франција, на средба за миграцијата во Медитеранот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот