Папата Фрањо: Бог Отец постојано ни простува заради раните Христови

Дарот кој Исус го понесе на Отецот, вознесувајќи се на небото, се неговите рани – цената на нашето откупување – рече Светиот Отец пред молитвата Царица небесна, пред десетици илјади верници, од прозорот на Апостолската палата.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес во Италија и во некои други земји се славеше Исусовото вознесение на небото, кое што се случило четириесет дена по воскресението.
Делата Апостолски го пренесуваат тој дел, конечното простување на Господ Исус од неговите ученици и од овој свет (Дела 1,2.9). Евангелието по Матеј, ја дава Исусовата цел на учениците: повикот да одат, да појдат да ја навестуваат неговата порака за спасение на сите народи (Мт 28, 16-20). „Одете“ или подобро „тргнете“ станува клучен збор за денешниот празник: Исус заминува кај Отецот и им заповеда на учениците да тргнат кон светот.

Исус заминува, се вознесува на небото, односно се враќа кај Отецот кој го испрати во светот. Го заврши тоа што требало да го направи и сега се враќа кај Отецот. Но, не се работи само за едно одвојување, затоа што Тој останува засекогаш со нас, во еден нов облик. Со своето вознесение, воскреснатиот Господ го привлекува погледот на апостолите – и нашиот поглед – кон небесните висини за да ни покаже дека целта на нашиот пат е Отецот. Самиот тој рече дека ќе отиде да ни подготви место во Небото. Но, Исус останува присутен и изводлив во настаните на човечката историја со својата моќност и даровите, со својот Дух; Тој е со секој од нас: и покрај тоа што не го гледаме со очите, тоој е тука! Нѐ следи, нѐ води, нѐ зема за рака и повторно нѐ подига кога ќе паднеме. Воскреснатиот Исус е блиску до христијаните кои се прогонувани и дискриминирани; близу е до секој маж и жена кои патат. Блиску е до сите нас, и денес е овде со нас на плоштадот; Господ е со нас! Верувате ли во тоа? Да кажеме заедно: Господ е со нас!

Кога се враќа во небото Исус му носи на Отецот еден дар. Кој е тој дар? Неговите рани. Неговото тело е прекрасно, без модрици, без раните од камшикувањето, но Тој и понатаму на своето тело ги носи раните. Кога се враќа на Отецот му ги покажува раните и вели: „Гледај Оче, тоа е цената на простувањето кое ти го даваш.“ Кога Отецот ги гледа Исусовите рани ни простува засекогаш, не затоа што ние сме добри, туку затоа што Исус плати за нас. Гледајќи ги Исусовите рани, Отецот станува милосрден. Тоа е големо Исусово дело денес во Небото: ја покажува на Отецот цената на простувањето – своите рани. Прекрасен е тој гест кој нѐ поттикнува да не се плашиме да бараме простување; Отецот секогаш простува, затоа што ги гледа Исусовите рани, го гледа нашиот грев и простува.

Исто така Исус е присутен и во Црквата, која Тој ја испрати да го продолжи Неговото послание. Последниот Исусов збор на учениците е заповедта „Одете“: „Одете и научете ги сите народи“ (Мт 28, 19). Тоа е прецизна задача! Христијанската заедница е заедница „која излегува“, „која поаѓа“. И повеќе од тоа: Црквата е родена „во бегство“. А вие ќе ми кажете: а клаузурните заедници? Да, и тие, затоа што трајно се „излезени“ на молитва, со срце отворено на светот, на Божјите хоризонти. А старите луѓе, болните? Тоа важи и за нив, тие тоа го прават со молитва и со соединување со Исусовите рани.

На своите ученици Исус им вели: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“ (Мт 28, 20). Сами без Исус не можеме да направиме ништо! Во апостолската работа не се доволни нашите сили, нашите ресурси, нашите структури, сепак и тие се неопходни. Без Господовата присутност и силата на неговиот Дух, нашата работа, колку добро и да е организирана, се покажува како недолотворна. И така да одиме и да им зборуваме на луѓето за тоа кој е Исус.

А заедно со Исус нѐ следи и Марија, нашата Мајка. Таа е веќе во домот на Отецот, таа е Царица на небото и така ја повикуваме во ова време; но како што Исус е со нас, оди со нас, така таа е Мајка на нашата надеж.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот