Прес-конференција на папата Фрањо во авионот при неговото враќање од Африка

Прес-конференција на папата Фрањо во авионот при неговото враќање од Африка

Два часа по полетувањето од аеродромот „Антананариво“ на патот за Рим, папата Фрањо се состана со новинарите кои патуваа со истиот авион и им зборуваше повеќе од еден час одговарајќи на нивните прашања.

Светиот Отец ја спомна радоста на децата со кои се сретнал и повторил дека е должност на државата да се грижи за семејството. Тој рече дека ксенофобијата е болест и побара да се зачува идентитетот на народите од идеолошки колонизации. Тој се осврна и на критиките што му беа доставувани, а на прашањето за искушенијата од раскол, тој одговори: Се молам да ги нема, но не се плашам

Запрашан од новинар од Мозамбик, што очекува од мировниот процес во Мозамбик, Папата рече дека се надева дека ќе продолжи, иако ги имал своите добри и лоши моменти, но завршил со историска прегратка. Се молам за неговото продолжение и ги повикувам сите да дадат сѐ од себе за да направат тој вистински да се движи напред (…) Лидерите на спротивставените страни треба да вложат сè за да одат еден кон друг“, рече тој, а потоа им се заблагодари на сите што помогнаа во тој мировен процес.

Истиот новинар беше заинтересиран и за проблемот со младите луѓе во Африка. Африка е млад континент – истакна Папата – ако го споредиме со Европа, ќе го повторам она што го кажав во Стразбур: Мајка Европа стана скоро „баба Европа“. Таа остаре, ние доживуваме многу тешка демографска зима во Европа. Што е во коренот на тоа нејзино стареење? праша Светиот Отец, истакнувајќи: „Според мое лично мислење, проблемот е благосостојбата; во приврзаноста кон благосостојбата. Благосостојбата и мирот се важни, но тоа доведува до стареење.

Африка, напротив, е полна со живот – рече тој, истакнувајќи дека е особено импресиониран од луѓето што ги видел додека патувале, кои ги кренале своите деца како да сакаат да кажат „тоа е мое богатство, тоа е моја победа, моја гордост“. Детето е богатство на сиромашните. Но, детето е исто така богатство на татковината, земјата – забележа Папата. Вашиот предизвик е да ги едуцирате овие млади и да донесувате закони за нив; образованието во моментов е голем предизвик во вашата земја. Законите за образование и здравјето се приоритети таму во овој момент – рече тој обраќајќи се на новинарот од Мозамбик.

Ксенофобијата, според папата Фрањо, е болест и не е проблем само во Африка. Тоа е човечко заболување, како сипаници. Тоа е болест која влегува во некоја земја, се појавува на континентот и почнуваат да се градат sидови, кои, сепак, ги оставаат оние што ги градат сами. Има еден културален проблем во Африка кој треба да се реши, а тоа е трибализам. За тоа е потребно заземање во воспитувањето, приближување на различни племиња за формирање на една нација – истакна Папата.

Одговарајќи на прашањето на новинарката од Мадагаскар на прашањето за младите и семејството, папата Фрањо истакна дека секако семејството е одговорно за воспитување на децата; да им се пренесат вредностите на младите, за нивен раст. Во Мадагаскар, проблемот на семејството е поврзан со сиромаштијата, недостаток на работа и често експлоатација на работа. Законите што ја штитат работата и семејството се важни, како и семејните вредности кои често постојат, но се уништуваат од сиромаштијата – истакна Папата, посочувајќи дека државата треба да се грижи за семејството и младите.

Светиот Отец се осврна и на меѓународните институции и напомена дека тие треба да се зајакнат. Обединетите нации треба да бидат во можност добро да ја извршуваат својата улога и да зајакне Европската унија од гледна точка на правда, братство и заедница. Тој предупреди за идеолошки колонизации кои сакаат да влезат во културата на народите и да го променат и хомогенизираат човештвото. Тоа е идеја на глобализацијата како топка. Напротив, вистинската глобализација не е топка, туку полиедар во кој секоја нација го зачувува својот идентитет, но се обединува со целото човештво. Сепак, идеолошката колонизација сака да го избрише идентитетот на другите, така што сите би станале еднакви. Идентитетот на народот мора да се почитува, тоа е претпоставка која секогаш мора да биде заштитена – рече Папата.

Во однос на комуникацијата и информацијата, Светиот Отец пред сè потенцираше дека комуникацијата треба да биде човечка, што значи конструктивна, односно треба да помогне во растот на другиот. Комуникацијата не треба да се користи како средство за војна, затоа што е против човекот, таа уништува.

Заштитата на животната средина, морето и природата воопшто, беше уште една тема на која Папата се осврна и потсети на молитвената накана за овој месец, а тое е всушност заштитата на океаните кои ни даваат и кислород што го дишеме. Ние треба да ја заштитиме екологијата, биолошката различност која е наш живот и кислородот кој е наш живот. Сепак, и во овој поглед, Папата предупреди на корупцијата. Кога се презема општествено-политичка одговорност за лична корист, тогаш вредностите, природата и луѓето се експлоатираат – предупреди Светиот Отец.

Што се однесува до критиките упатени кон него, Папата рече дека тие секогаш помагаат. Кога некој ќе добие критика, треба веднаш да си постави автокритика и да се запраша дали е точно тоа или не. Јас секогаш извлекувам одредена предност од критиката. Критиката е фактор на градењето, и ако твојата критика е неточна, подготви се за одговорот што ќе го добиеш, на тој начин развивајќи дијалог и ќе постигнеш добар резултат. Тоа е динамика на вистинската критика – објасни Папата, додавајќи дека искрената критика е отворена за одговор, а тоа помага и гради.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот