Светиот Отец им порача на водачите на поделениот Јужен Судан дека идните генерации или ќе ги почитуваат нивните имиња или ќе го избришат сеќавањето на нив, врз основа на она што сега го прават и апелираше до нив да го остават времето на војната зад себе и да дозволат да осамне време на мир.
Во својот прв говор по пристигнувањето во главниот град на Јужен Судан, папата Фрањо апелираше за мир и ги потсети лидерите дека нивната цел е да служат на заедницата.
Обраќајќи се на националните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор во претседателската палата во Џуба во петокот попладне, 3 февруари 2023 година, набргу по неговото пристигнување во опустошената источноафриканска држава, Папата потсети дека доаѓа како ходочасник на помирувањето, надевајќи се дека ќе ги придружува на нивниот пат кон мирот.
Ходочасник на помирувањето и мирот
Светиот Отец истакна дека станува збор за екуменско ходочастие што го презема во друштво на двајца браќа: надбискупот од Кентербери Џастин Велби и модераторот на Генералното собрание на црквата во Шкотска Џим Валас.
Заедно, подавајќи ги рацете, ви се претставуваме во името на Исус Христос, Кнезот на мирот. Тргнавме на ова екуменско ходочастие на мирот откако ја слушнавме молбата на целиот народ кој плаче поради насилството што го трпи секој ден, поради нивниот постојан недостаток на безбедност, сиромаштво и природни катастрофи што ги доживуваат, рече Папата
Папата го осуди фактот дека годините на војни и конфликти изгледа дека никогаш нема да завршат и истакна дека дури и вчера биле изгубени животи во жестоките судири.
Во исто време, процесот на помирување изгледа дека стагнира, а ветувањето за мир е неисполнето. Тој изрази надеж дека долгогодишното страдање на луѓето не треба да биде залудно, туку нивното трпение и пожртвуваност да бидат предизвик за сите. Дозволете мирот да процвета и да донесе плод!
Апел до лидерите
Папата Фрањо потоа упати директен апел до политичките лидери на Јужен Судан, истакнувајќи дека тие, татковците и мајките на оваа млада земја, се повикани да го обноват животот на општеството како чист извор на благосостојба и мир. неопходни за синовите и ќерките на Јужен Судан. Ним им требаат татковци, а не владетели; им требаат стабилни чекори за развојот, а не постојани паѓања. Времето што следуваше по раѓањето на земјата, нејзиното болно детство, нека доведе до мирна зрелост, рече Рисмскиот бискуп.
Светиот Отец ги потсети лидерите дека овие синови и ќерки, но и самата историја ќе ве паметат доколку работите за доброто на својот народ на кој сте повикани да му служите. Идните генерации или ќе ги почитуваат вашите имиња или ќе го избришат нивното сеќавање на вас, врз основа на она што сега го правите.
Доста е!
Искажувајќи го својот силен апел, папата Фрањо директно им се обрати на претседателот и потпретседателот со зборовите: Во името на Бога, во кого веруваат толку многу луѓе во оваа сакана земја, време е да се каже: Да нема повеќе вакво нешто! Нека нема повеќе крвопролевање, нека нема повеќе конфликти, насилство и меѓусебни обвинувања за тоа кој за што е одговорен, да не го оставате повеќе вашиот народ жеден за мир. Нека нема уништување: време е да се гради! Оставете го времето на војна зад себе и нека осамне времето на мирот!
Целта на власта
Папата ги покани да се видат себеси како вистински јавни личности, од народот. Оние на кои им е доверена одговорноста да претседаваат и да управуваат со државата, кои имаат должност да се стават во служба на општото добро. Тоа е целта на власта: да се служи на заедницата!
Светиот Отец го истакна искушението да се користи власта за сопствена корист и предупреди дека изобилството на ресурсите на земјата не треба да се ограничи само на малкумина. Овие ресурси, рече Папата, треба да се препознаат како наследство на сите, а плановите за економско закрепнување треба да се совпаѓаат со предлозите за правична распределба на богатството .
Промовирање на демократијата
Папата Фрањо потсети дека основата на демократијата е почитувањето на човековите права, што е поддржано со закон и примена на законот, посебно правото на слобода на изразување и рече дека нема правда без слобода .
Изрази надеж дека патот на Републиката кон мир нема да заглави поради инерција и рече: Време е да се премине од зборови на дела! Време е да ја свртите страницата: време е да се посветите на итната и многу потребна преобразба.
Светиот Отец истакна дека во свет кој е одбележан со поделби и конфликти, и фактот што земјата е домаќин на екуменско поклонение на мирот, е нешто многу ретко.
Ова претставува промена на правецот, рече Папата, можност за Јужен Судан да продолжи да плови во мирни води, водејќи дијалог, без дволичност и опортунизам.
Нека ова биде за сите прилика да заживее надежта. Секој граѓанин нека сфати дека дојде време да престанеме да бидеме носени од заразените води на омраза, племенски, регионализам и етнички разлики. Време е заедно да пловиме кон иднината!
Дијалог и средба
Поканувајќи ги присутните да тргнат по патот на почитување, дијалог и средба, Папата рече дека зад секој облик на насилство се крие гнев и незадоволство, а зад секој облик на злоба и незадоволство стои незалечено сеќавање на рани, понижувања и неправди.
Значи, единствениот начин да се ослободиме од нив е преку средба: со прифаќање на другите како наши браќа и сестри и правење простор за нив, дури и ако тоа значи да се направи чекор назад.
Улогата на младите и жените
Петровиот наследник рече дека таквиот став е суштински за секој мировен процес и развој на општеството и посочи дека младите имаат клучна улога во преминот од варварство на конфронтација кон културата на жива средба.
Жените исто така имаат фундаментална улога, посочи Папата, и треба се повеќе да бидат вклучени во политичкиот живот и во процесите на одлучување.
Во своите неуморни апели и желби за подобро владеење, папата Фрањо не пропушти да ја спомене потребата за грижа на созданието, за доброто на идните генерации.
Посебно мислам на потребата од борба против сечењето на шумите предизвикано од профитерство.
Корупција, сиромаштво, раселување
Папата повика на акција против корупцијата, истакнувајќи ја неправедната распределба на средствата, тајните начини на збогатување, покровителските договори, недостигот на транспарентност.
Пред се, треба да се бориме против сиромаштвото, кое служи како плодна почва во која се вкоренува омразата, поделбите и насилството, рече Папата.
Повторувајќи го фактот дека итна потреба на секоја цивилизирана земја е да се грижи за своите граѓани, посебно за најранливите и оние во понеповолна положба, истакнувајќи дека посено мисли на милионите раселени лица кои живеат тука:
Колку луѓе мораа да ги напуштат своите домови, а сега се најдоа на работ од животот поради конфликтот и присилното раселување!
Трговија со оружје
Сеопфатната визија на Папата за проблемите и потребите на земјата ја допре дури и потребата да се контролира протокот на оружје кое, и покрај забраните, продолжува да пристигнува во многу земји во регионот, вклучувајќи го и Јужен Судан. Овде е многу потребно, но сигурно е дека не се потребни орудија за смрт!
Развој
Папата Фрањо повика на развој на соодветна здравствена политика, потреба од добра инфраструктура и унапредување на писменоста и образованието: единствениот начин децата на оваа земја да ја земат својата иднина во свои раце.
Како и сите деца на овој континент и светот, имаат право да растат држејќи тетратки и играчки во рацете, а не оружје и работни средства.
Папата Фрањо го заврши својот говор истакнувајќи го негувањето на позитивните односи со другите земји и признавајќи го вредниот придонес на меѓународната заедница за земјата, изразувајќи благодарност за напорите направени за промовирање на помирувањето и развојот.
Сфаќам дека дел од она што имав да го кажам може да изгледа отворено и директно, заклучи Папата, уверувајќи ги присутните дека заедно со неговите браќа со кои тргна на ходочастие на мирот, нудат само искрени молитви и поддршка, за да може Јужен Судан да доживее помирување и да го промени правецот.
Вашиот животен тек повеќе да не биде преплавен од поплавата на насилство, нека заглави во мочуриштата на корупцијата и нека ги блокира поплавите на сиромаштво.
Господарот на небото, кој ја сака оваа земја, нека и подари нов период на мир и благосостојба.
Ватикан њуз/к.мк