Папата Фрањо: Ако го изгубиме чувството за Бог тешките гревови ни изгледаат ситница
Ако го изгубиме чувството за Бог и тешките гревови ќе ни изгледаат како ситница – рече папата Фрањо на светата Литургија на 31 јануари во капелата на домот Света Марта.
Кога во луѓето се исклучува Божјата присутност „се губи чувството за грешност“ и така може да се случи други да страдаат заради нашата „христијанска просечност“. Да бараме од Бог милост во нас никогаш да не се намали присутноста на „неговото Царство“ – рече Светиот Отец. Тежок грев, како на пример прељуба – е признат како „проблем кој треба да се реши.“ Давидовиот избор, за кој стана збор во првото читање станува огледало пред кое Папата ја става совеста на секој христијанин. Заљубувајќи се во Вирсавија, жената на својот генерал Урија, Давид ја зеде кај себе, а нејзиниот маж го испрати на првата линија на бојното поле, правејќи така да загине и на тој начин го изврши тоа убиство. Сепак, прељубата и убиството премногу не го потреселе. „Давид се нашол во ситуација на тежок грев, но не го чувствувал како грев“ – истакна Папата – „Не му паѓа на памет да бара простување, но она што му допира до совеста е: „Како ќе го реши тоа?“ – рече папата Фрањо и продолжи…
Такво нешто може да ни се случи на сите нас затоа што сите ние сме грешници, на искушенија сме и искушението е леб наш секојдневен. Ако некој би кажал: „Никогаш не сум бил во искушение“, тоа би можело да значи: или си херувим или си малку „ застранет“; тоа е јасно, нели? Нормално е во животот да водиме битка и ѓаволот не мирува, затоа што сака да победи. Сепак најтешкиот проблем во овој дел не е искушението или гревот против деветата Божја заповед; туку она што се случува со Давид; како се однесува. Давид овде не зборува за гревот, туку за проблем кој треба да се реши. Тоа е знак! – нагласи Светиот Отец и додаде: Кога Царството Божјо се намалува, еден од знаците е губењето на чувството за грев – рече Папата.
„Секојдневно молејќи Оче наш од Бог бараме: „Да дојде Царството Твое“; што значи: Нека се зголеми Твоето Царство“ – објасни Папата. Кога, напротив, се изгуби чувството за грев, се губи и чувството за Божјото Царство и на негово место седнува една антрополошка визија на надмоќност – „Јас можам сѐ“: „Човечка моќ наместо Божја слава! Поради тоа и секој ден говориме „Да дојде Царството Твое; да расте Царството Твое“; затоа што спасението не доаѓа по нашата лукавост, генијалност или интелигенција во нашите работи. Спасението ни доаѓа по Божјата милост и преку практикувањето на верата во нашето христијанско секојдневие – рече папата Фрањо.
„Денес најголем грев е тој, што луѓето го изгубиле чувството за грев“ – рече Папата, цитирајќи ја познатата реченица на папата Пиј XII и укажува на тоа како Урија како недолжен човек е испратен во смрт, по вина на неговиот цар. Урија станува симбол на сите жртви на нашето неисповедување на гордоста:
„Ви признавам: кога ги гледам овие неправди, оваа човечка гордост, исто така кога гледам опасност дека и мене самиот истото ми се случува – опасност да го изгубам чувството за грев, ми помага да мислам на толку Уриевци низ историјата кои и денес трпат поради нашата христијанска просечност; кога ја губиме смислата за грев и кога дозволуваме да падне Божјото Царство… Тие се маченици на нашите непризнати гревови.
Добро ќе ни дојде денес да се помолиме на Господ за нас самите за трајно да ни подели милост да не го изгубиме чувството за грев; за Царството во нас да не падне. Да однесеме еден духовен цвет на гробовите на многуте Уриевци на нашето време, кои го плаќаат данокот за прославите на сигурните – оние христијани кои се чувствуваат сигурни – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.