Папата: Училиштата и универзитетите се место на интеграција за најранливите

Папата: Училиштата и универзитетите се место на интеграција за најранливите

Примајќи ги во аудиенција учесниците на конференцијата одржана на тема „Иницијативи во образованието на бегалците и мигрантите“, Папата рече дека се надева на академска понуда составена од патишта и поттици кои промовираат прифаќање на оние кои се искоренети од нивните земја. „Етничката, јазичната и верската различност треба да се сметаат за предност, а не пречка за заедничка иднина“

На крајот од тридневната конференција што се одржа во Папскиот универзитет Грегоријана на тема „Иницијативи во образованието на бегалците и мигрантите“, папата Фрањо им посака добредојде на учесниците и истакна дека е важно да се слушаат желбите на оние – посебно младите луѓе – кои се принудени да емигрираат, поради нивното искоренување, од нивното потекло. Тој се фокусираше на три области кои беа во центарот на размислувањето за време на конференцијата: истражување, подучување и општествена промоција.

Право да не мора да се емигрира

„Важно е да се размислува за причините за миграциските текови и за формите на насилство кои водат до заминување во други земји“

Папата зборуваше за конфликтите кои пустошат во многу области во светот, но и за злоупотребата на нашиот заеднички дом, која ја нарече вистинско насилство. Потсетувајќи дека нашата планета е ослабена од прекумерната експлоатација на нејзините ресурси и уништена од децениското загадување – принудувајќи сè повеќе луѓе да ги напуштаат областите што станаа непогодни за живеење – папата Фрањо го охрабри академскиот свет, а во овој случај посебно католичкиот, да преземе водечка улога во давањето одговор на еколошките предизвици. Врз основа на научни податоци – рече тој – можете да придонесете за осветлување и насочување на одлуките на властите кон ефективна грижа за заедничкиот дом.

Олеснување при признавањето на стекнатите образовни квалификации на универзитетите

Направено е многу на полето на образованието на бегалците – рече Папата – но има уште многу да се направи. Ќе биде важно да се продолжи да се дава приоритет на најранливите. Во таа смисла, може да биде ефективно да се нудат курсеви кои ги задоволуваат нивните потреби, да се организираат курсеви за образование на далечина и да се доделуваат стипендии кои овозможуваат нивно преселување – посочи Папата и изрази надеж дека универзитетите ќе го олеснат признавањето на образовните квалификации и стручноста на мигрантите и бегалците, исто така во корист на општествата што ги прифаќаат.

„Училиштето и универзитетот се привилегирани места не само за настава, туку и за средба и интеграција“

Внимание кон миграцискиот феномен од перспектива на правдата

Спомнувајќи ја пораката за овогодинешниот Светски ден на мигрантите и бегалците, папата Фрањо ги охрабри вработените кои работат со мигранти да бидат на посебен начин обучени. Истовремено, тој ја истакна важноста од организирање на повеќе средби со протагонистите на миграцијата, со цел да се дознае повеќе за нивните животи. Дополнително, католичките универзитети се поканети да ги едуцираат своите студенти, кои утре ќе бидат управители, претприемачи и креатори на културата, за внимателно толкување на феноменот на миграцијата, во перспектива на правда и глобална соодговорност и единство во различностите.

Различноста е богатство

„Етничката, јазичната и верската различност треба да се сметаат за предност, а не пречка за заедничката иднина“

Папата Фрањо потсети и на она што го кажа минатата недела, на Светскиот ден на мигрантите и бегалците, за потребата да се гради иднината заедно со мигрантите. Тој изрази и надеж дека посебно кај младите ќе се промовира волонтерството во корист на најзагрозените, а заврши со апел што ги потврдува неговите зборови од почетокот на говорот: Сите образовни институции се повикани да бидат места за прифаќање, заштита, промоција и интеграција за сите, никого не исклучувајќи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот