Папата упати порака до Претседателот на Папската академија за живот

„Стареењето и неспособноста“, е многу актуелна тема и е во срцето на Црквата – истакна папата Фрањо во пораката до епископот Караско де Паула, претседател на Папската академија за живот, чии членови се собраа на седница по повод 20 годишнината од основањето.

„Да се студира, да се информира и да се формира“ за проблемите на биомедицината во однос на промовирањето и заштитата на животот, со таа накана на 11 февруари 1994 година папата Иван Павле II ја основа Папската академија за живот, чија работа е многу напорна, бидејќи бара да се оди спротивно на струјата, меѓутоа е и драгоцена бидејќи целта е да се поврзе научната строгост и почитувањето на човечката личност – истакна Папата во пораката.

Во нашите општества – забележува Папата – се среќава тиранска превласт на економската логика, која исклучува и понекогаш убива, поради што денес има многу жртви, почнувајќи од стари, особено ако се болни и неспособни. Оттаму потекнува културата на отфрлање, нешто ново и повеќе од искористување и угнетување: исклучување. Исклучените личности се „отпадоци, вишок“. Иако здравјето е многу важна вредност – објаснува Папата – сепак тоа не е мерило на вредноста на некоја личност, ниту е по себе гаранција за среќа, која може да се има во присутноста на нестабилното здравје.

Најголема неволја за старите лица не е слабеењето на организмот и неспособноста како последица – тврди Папата – туку напуштањето, исклучувањето и негирањето на љубовта. На тоа застранување се спротивставува семејството „учител на прифаќањето и солидарноста“ каде се учи дека не треба да се попушти на индивидуализмот, дека треба да се урамнотежи односот помеѓу поединецот и заедницата, и да се сфати дека губењето на здравјето не е причина за отфрлање на некои човечки животи – стои во пораката.

Општеството е навистина гостољубиво кога признава дека животот е секогаш драгоцен: во староста, неспособноста, тешката болест па и тогаш кога се гаси; кога поучува дека повикот на човечко остварување не го исклучува трпењето, уште повеќе кога поттикнува дека во личноста која е болна и која трпи гледа дар за целата заедница – стои во заклучокот на Папската порака.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот